Трговскиот дефицит се искачи на 2,1 милијарди евра

Покриеноста на увозот со извозот е 70,9 отсто. Или, од секои 100 евра увоз, со извоз покриваме околу 70,9 евра.

Македонија и натаму е увозно ориентирана земја, со изразен трговски дефицит, кој во изминативе шест месеци е зголемен за 7,8 отсто и изнесува 2,1 милијарди евра.

Трговска размена од над 12,3 милијарди евра е направена меѓу Македонија и државите – партнери за седум месеци, од јануари до јули. Вредноста е за 8,1 отсто повисока во споредба со лани. Во тие рамки, извозот е зголемен за 8,4 насто и достигнува износ од 5.102,9 милиони евра. Увозот и натаму е доминантен, со 7.199,3 милиони евра, со раст од 7,8 отсто.

Изразено во домашната валута, пресметката на Државниот завод за статистика вели: „Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – јули 2026 година изнесува 314.660,2 милиони денари и бележи пораст од 8,45 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јули 2026 година, изнесува 443.910,2 милиони денари, што е за 7,93 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година“.

За седум месеци сме увезле 2.096,4 милиони евра повеќе стока отколку што сме извезле. Покриеноста на увозот со извозот е 70,9 отсто. Или, од секои 100 евра увоз, со извоз покриваме околу 70,9 евра.

Од Статистика посочуваат на трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација, која покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, во седуммесечниот период најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49,4 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на ЕУ имаат удел од 58,7 отсто во вкупната размена.