„Ако потрошиме милијарди за повторно вооружување, додека ги намалуваме социјалните издвојувања, тоа е енергетски пијалак за десничарските популисти и токсичен коктел за демократските партии“, рече пратеникот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) во Бундестагот, Ралф Штегнер
Пратеникот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) во Бундестагот, Ралф Штегнер, го поврза лошиот изборен резултат на неговата партија во покраината Саксонија-Анхалт со политиката кон Украина и високите издвојувања за одбраната, пренесува германскиот „Н-тв“.
Штегнер оцени дека неуспехот на СПД на соодветен начин да се справи со овие прашања бил сериозна грешка, нарекувајќи го изборниот исход неуспех за партијата.
Тој ја обвини Алтернативата за Германија (АфД) дека користи, како што наведе, лажни наративи и дека „цврсто стои“ на страната на рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи дека СПД има поинаков однос кон војната во Украина.
Истовремено, Штегнер ја критикуваше политиката на големо зголемување на издвојувањата за одбраната во момент кога се намалуваат социјалните расходи.
„Ако потрошиме милијарди за повторно вооружување, додека ги намалуваме социјалните издвојувања, тоа е енергетски пијалак за десничарските популисти и токсичен коктел за демократските партии“, рече Штегнер.
АфД убедливо победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, освојувајќи 43,8 отсто од гласовите, што е најдобар резултат на оваа партија на покраински избори од нејзиното основање.
Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која ја предводи досегашната покраинска влада, освои 17,2 отсто од гласовите – помалку од половина од резултатот на АфД.
И покрај убедливата победа, АфД не освои апсолутно мнозинство. Според прелиминарната распределба на мандатите, партијата ќе има 39 од вкупно 83 пратенички места, додека за самостојно формирање влада се потребни најмалку 42.
Сојузот на Сара Вагенкнехт (БСВ) треба да добие пет мандати, додека преостанатите места во покраинскиот парламент ќе бидат распределени меѓу ЦДУ, СПД, Зелените и Левицата. Изборниот резултат на тој начин го отвори прашањето за можното парламентарно мнозинство и идниот состав на владата во Саксонија-Анхалт.
Следи го Антропол преку Google 
