Историски триумф на АФД во Германија

Aналитичарите оценуваат дека убедливата победа на АФД претставува значаен пресврт на германската политичка сцена

Историскиот триумф на Алтернативата за Германија (АФД) на регионалните избори во Саксонија-Анхалт предизвика реакции далеку надвор од границите на оваа германска покраина. Американците делуваат пресреќно од изборниот резултат, од Европската Унија стигна предупредување дека јакнењето на крајната десница може да има последици за цела Европа.

Aналитичарите оценуваат дека убедливата победа на АФД претставува значаен пресврт на германската политичка сцена. Саксонија-Анхалт е една од 16-те германски сојузни покраини и има околу 1,7 милион избирачи. Иако АФД не освои апсолутно мнозинство, политичките последици од резултатот се чувствуваат и на национално ниво.

Канцеларот е под силен притисок

Иако станува збор за регионални избори, резултатот дополнително ја притиска и онака нестабилната владејачка коалиција во Берлин. Резултатот може да има последици и врз политичката иднина на канцеларот Фридрих Мерц, чија популарност е ниска, а кој претходно ветуваше дека ќе го запре растот на АФД.

Внатрешнополитичките проблеми на Германија доаѓаат во чувствителен момент за Европската Унија. Берлин истовремено се соочува со последиците од војната во Украина, трговските тензии со администрацијата на Трамп и економската конкуренција со Кина. Резултатот во Саксонија-Анхалт повторно ја отвори и дебатата за политичката насока на земјата, особено поради историскиот товар на германското минато.

Голем број на германски автори, сметаат станува збор за прва толку убедлива победа на радикално десна националистичка партија во Германија по 1945 година. Германските власти делови од АФД ги прогласија за антидемократски, а повеќе покраински ограноци, меѓу кои и оној во Саксонија-Анхалт, се означени како десничарско-екстремистички. Иако АФД традиционално има најголема поддршка во источниот дел на Германија, анкетите покажуваат дека партијата во моментов е најпопуларна и на национално ниво.

И Трамп е среќен

Изборите во Саксонија-Анхалт предизвикаа реакции и надвор од Европа. Американскиот претседател Доналд Трамп брзо ги сподели резултатите од излезните анкети на својата социјална мрежа Truth Social.

Политичките пораки на АФД против имиграцијата и таканаречената „воук“ идеологија, како и слоганот „Германија за Германците“, имаат сличности со политичкиот стил на движењето MAGA на Трамп. Според анализата, АФД, како и други националистички партии во Европа, презема дел од политичките методи поврзани со Трамп – критика на традиционалните медиуми, оспорување на институциите и ветување за повторно „голема“ Германија.