И покрај тоа што 50 илјади граѓани, но и фанови од други држави купија билети по симболична цена од 35 денари за да го гледаат Дејвид Гета утре во Скопје – сумата што ќе се потроши за неговото гостување досега не е јавно обзнанета, ниту пак може да се пронајде тендер на страницата на Бирото за јавни набавки за организацијата на настапот. Тендер на сајтот на Бирото за јавни набавки нема ни за организацијата на останатите спроведени активности и настапи кои се одвиваа во август а сите во рамките на целокупното одбележување на 35 години од независноста на Македонија, пишува Слободен печат.
Кога на денешната прес-конференција го прашавме организаторот на концертот Бобан Милошески од „Авалон“, зошто досега не е објавена сумата на договорот за концертот на Дејвид Гета и дали има некоја клаузула што тоа го спречува тој ни одговори:
„Дали ти изгледам јас ко идиот? Јас кажав за што е пресот. Имате да поставите прашање во контекст на пресот?“
Откако му одговоривме дека ова е прашањето што го имаме тој истото го оцени како провокација.
– Пресот е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета. Ова прашање е неколку пати поставувано на другите прес-конференции на претставниците на Владата кои што треба да одговорат на тоа прашање. Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање. Јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета. Најкултурно, најљубезно ве замолив да пропагирате да помине ова што е можно подобро и сметам дека нема потреба за ваква провокација. Неколку пати ви е кажано кога ќе биде објавена сумата за целокупната манифестација. Не можам да зборувам сега за целокупната манифестација „35 години Македонија“ кога овде разговараме за Дејвид Гета. Сметам дека нема потреба за вакви провокации – рече Милошески.
Испративме прашања во Владата и во „Авалон“ и ги побаравме севкупните ставки за досега потрошените пари, за кои нема достапни информации од тендер, а кои се однесуваат на настапите на различните артисти изминатиот месец при одбележувањето на 35 години независна Македонија. Досега одговори нема.
Недостигот на транспарентност за трошењето и располагањето со буџетските средства се проширува и на друг аспект – кој ја направил селекцијата на ангажираните артисти.
Следи го Антропол преку Google 
