Артан Груби денеска повторно на обвинителна клупа: Продолжува судењето за „Државна лотарија”

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судскиот процес за наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Главната расправа на претходното рочиште беше одложена, откако Судот оцени дека на обвинетите и нивните бранители им е потребно дополнително време за увид во доказниот материјал и подготовка на одбраната.

Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски тогаш посочи дека обвинетите треба да имаат доволно време да се запознаат со доставените докази, како и да предложат свои докази за натамошниот тек на постапката.

Обвинението во предметот го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Тие најавија изведување на вкупно 231 материјален доказ, вештачења, како и сослушување на седум сведоци.

Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на службените овластувања, предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од над 507 милиони денари.

На обвинетите им се става на товар кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувањето“.

Првообвинет во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот.

Во меѓувреме, за Артан Груби Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор, додека судската постапка треба да продолжи со изведување на предложените докази.