Трајкoвски: Ќарот за државата од странски инвестиции во дата-центри ќе биде чиста нула

Македонија не треба да биде само домаќин за туѓи сервери, туку треба да инвестира во сопствен, државен дата-центар со супер-компјутер. Така капацитетите за вештачка интелигенција ќе им служат на македонските граѓани, научници и домашниот ИТ сектор, изјави за Локално проф. Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.

Моментално власта не открива како странските инвеститори планираат да ги снабдуваат со електрична енергија своите потенцијални дата центри, изјави за „Локално“ проф. Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.

На прашањето колку дата-центри Македонија може да издржи пред да станат товар на енергетскиот систем, тој вели дека инвеститорите обично имаат стриктна политика на снабдување од обновливи извори, но можат да се одлучат и за гасни централи на наша територија или во краен случај за увоз.

-Ниту едно сценарио не е поволно за нас како држава. Ако се одлучат за обновливи извори, тоа би значело да ни ги запоседнат илјадници хектари полиња со фотоволтаици и најповолните ридови (со најмногу ветер) со ветерни централи, како и да не затрупаат со литиумски батерии со чиј отпад нема да знаеме што да правиме по десет, дваесет години, не добивајќи никаква финансиска корист, како данок на добивка или ДДВ за поврат, изјави Трајковски.

Но, најзагрижувачки е што, додава тој, како што слушнавме деновиве, власта наводно се спрема на странските компании со дата центри да им дозволи пристап до водите на реката Вардар, за ладење на дата центар од 100 MW.

-Иако современите системи за ладење рециркулираат дел од водата, во летните периоди кога Вардар има критично низок водостој, ова дополнително ќе го наруши речниот екосистем и ќе потроши драгоцени водени ресурси. Тоа би значело, поради загревање и делумно трошење на водата во реката, засекогаш да нé лишат од дел од капацитетот за ладење на наша идна нуклеарна централа, кај која токму водата за ладење е најважниот ресурс. За возврат Македонија не би добила ништо, вели Трајковски.

Ако странските дата центри се снабдуваат со електрична енергија од увоз, според него, непотребно би го ангажирале и оптовариле електро-преносниот систем на МЕПСО.

-Овој систем државата го градела за сопствените граѓани, повторно не добивајќи за возврат ништо, освен намален преносен капацитет и минимална наплата на мрежарина која е занемарлива во споредба со заземениот капацитет. Уште полошо, за да ја задоволат гладта за енергија на овие гиганти, власта може да им дозволи да градат дури и сопствени гасни централи на наша територија, со што дополнително ќе ја загадат животната средина бидејќи и природниот гас е фосилно гориво, ќе ја зголемат емисијата на стакленички гасови и ќе ја трошат нашата квота за CO2, ќе ги зголемат нашите јаглеродни давачки и ќе нè врзат со долгорочни увозни договори за пренос на гас. А за возврат повторно нема да добиеме ништо, освен еколошки и финансиски последици и нови емисии на штетни гасови, вели професорот.

Трајковски појаснува дека  самиот електропреносен систем моментално, барем на високиот напон (400 kV) има расположлив капацитет за пренос (околу 3000 MW), што воглавно се користи за транзит на електричната енергија низ земјава, а се повеќе и за увоз за сопствени потреби.

-Дата центрите би одзеле помал дел од тој преносен капацитет, неколку стотици мегавати, но останува основното прашање: зошто ние би им отстапувале преносен капацитет ако за тоа не добиваме ништо?, изјави професорот.

Според него, основниот проблем кај нас не претставува самото снабдување со енергија, туку економскиот аспект, бидејќи државата нема да добие речиси ништо, иако ќе отстапи земјиште или електропреносни капацитети.

-Дата центрите од голем обем, над 100 MW, се капитално интензивни, но не се трудо-интензивни, односно не креираат многу работни места. Откако ќе заврши градежната фаза, дата центар од 100 MW бара многу мал број постојано вработени, физичко обезбедување, одржување хигиена и ладење, бидејќи високотехнолошкото одржување ќе го прават странските инженери далечински, преку Интернет. Тоа не создава масовни високоплатени работни места за домашните ИТ инженери, вели Трајковски.

Тој смета дека тука нема „кост-бенефит“ рамнотежа, бидејќи државата дава критични ресурси, како што се зелена енергија од соларни и ветерни паркови, вода за ладење, оптоварување на мрежата на МЕПСО, јаглеродни пенали и загадување од гас, а добива минимален надомест или данок, бидејќи добивката на глобалните компании најчесто се оданочува во нивните матични земји или преку офшор зони.

-Единствениот директен приход за државните компании би била стандардната регулирана тарифа за користење на преносната мрежа (мрежарина), што е симболична сума во однос на направената штета.  Фирмата-ќерка во Македонија ќе ѝ фактурира минимални цени на фирмата-мајка во странство колку за покривање на трошоците на работењето, таканаречени „трансферни цени“ (transfer pricing), вели Трајковски.

Според професорот амортизацијата на основните средства е многу висока кај вискотехнолошката опрема, што трошоците ги прави многу високи, а прикажаната добивка ја прави речиси нула.

-Што значи дека Македонија нема да наплати речиси никаков данок на добивка.  Државата нема се прибира ни излезен ДДВ бидејќи услугата целосно се извезува и ДДВ се плаќа во странство. Уште полошо е што дури имаат и право на поврат на ДДВ на увезената опрема и градежните работи, така што државата ќе ги изгуби и тие даночни приходи. Така ќарот за државата останува чиста нула, вели Трајковски.

Ако сето ова се реализира, според него Македонија ќе стане обична дигитална колонија, како што сега е рударска, па и енергетска колонија.

-На пример, „Енвидиа“ и „Мета“ градат или закупуваат дата центри за сопствениот бизнис модел. Ако Македонија само отстапи простор за странски дата центар, податоците што се процесираат во тој центар не се македонски, ниту државата има пристап или корист од нив. Доколку на македонските институции, факултети или домашни компании им затреба капацитет за вештачка интелигенција, тие повторно ќе мора да си платат пазарна цена кај овој или друг странски клауд провајдер.  „Енвидиа“ го создава и продава „мозокот“, односно чиповите (GPU) и софтверот за нивно управување (CUDA). Нивната профитна маржа е огромна бидејќи имаат монопол над интелектуалната сопственост. „Мета“ е пак софтверски гигант и сопственик на податоци. Тие градат алгоритми за вештачка интелигенција, ги користат за своите милијарди корисници, ги продаваат преку реклами и создаваат дигитални производи со висока додадена вредност, вели Трајковски.

Тој појаснува дека Македонија ниту произведува, ниту има знаење за двете и дека ако кај нас странска компанија изгради дата центар, Македонија нема да нуди ниту „Енвидиа“ чипови, ниту „Мета“ софтвер.

-Македонија е само евтина физичка локација, односно дигитална колонија. Таа нуди само земјиште, струја и вода. Тоа е најниското ниво во синџирот на додадена вредност. Профитот од користењето на ВИ го зема оној што е сопственик на софтверот и хардверот, а не оној на чија територија стои зградата со серверите, потенцира Трајковски.

На прашањето дали Македонија ќе произведува дополнителна струја од гас или јаглен за да ги напојуваме ВИ серверите, ако нема доволно од обновливи извори, Трајковски вели дека Македонија не е во состојба ни самата да се снабдува со електрична енергија, за што сведочи уништеното производство на јаглен и електрична енергија во РЕК Битола и увозот на околу 30% од потребната електрична енергија за сопствени потреби.

-Странскиот инвеститор би градел самиот обновливи извори на наша територија, а со тоа би ја лишил државата од најдобрите локации за изградба на сопствени централи од обновливи извори. Ова дополнително го загрозува нашиот енергетски суверенитет, бидејќи просторот за нашата национална енергетска транзиција засекогаш го отстапуваме за туѓи потреби. Ова воедно претставува најголемата закана и грешка доколку дозволиме неконтролирана изградба на странски дата центри, изјави професорот.

Тој смета дека граѓаните веројатно нема да бидат директно засегнати од побарувачката на електричната енергија, бидејќи дата центрите самите би ја произведувале или увезувале енергијата.

– Сепак, индиректно, зголеменото оптоварување на мрежата може да изнуди нови инвестиции во преносниот систем чиј трошок на крајот ќе падне врз сите домашни потрошувачи.  Најголемиот проблем претставува отсуството на економска корист на државата, бидејќи би отстапиле многу, а не би добиле ништо. Дури, ако ни затребаат услуги на ВИ, би морале кај овие странски дата центри да ја платиме полната економска цена. Тие едноставно не се наши, национални дата центри, иако власта се обидува да ни ги претстави како такви. Наше е само она во што самите ќе инвестираме и ќе го изградиме, вели професорот.

Доколку дата центрите изградат сопствени извори за обновлива енергија, електропреносната мрежа пак ќе биде засегната, вели прогфесорот, бидејќи сончевата и ветерната енергија се променливи и не можат да обезбедат непрекината работа 24/7 без поддршка од системот на МЕПСО за балансирање.

Доколку увезуваат енергија, би одзеле дел од преносниот капацитет. Акцентот повторно се става на тоа што Македонија за возврат не би добила ништо. Оние коишто упорно се обидуваат да ги релативизираат работите, нека се запрашаат зошто странските компании не градат дата центри во нивните земји, туку сакаат да дојдат во малата и со ресурси ограничена Македонија, вели Трајковски.

Македонија не треба да биде само домаќин за туѓи сервери, вели тој, туку треба да инвестира во сопствен, државен дата-центар со супер-компјутер.

-Така капацитетите за вештачка интелигенција ќе им служат на македонските граѓани, научници и домашниот ИТ сектор, изјави Трајковски.

За шпекулациите дека власта се подготвува овие дата-центри да ги прогласи за стратешки инвестиции и со тоа дополнително да им подари државно земјиште и даночни олеснувања, Трајковски вели:

-Доколку државата ги прогласи овие приватни проекти за стратешки инвестиции преку посебни закони во Собранието, парадоксот ќе биде уште поголем. Тоа би значело дека не само што нема да наплатиме даноци, туку на странските корпорации преку закони ќе им подариме државно земјиште, бесплатни приклучоци и екстра брзи дозволи. На овој начин, државните ресурси директно ќе се стават во служба на приватниот профит на глобалните гиганти, додека домашните компании и граѓани ќе останат да ги сносат еколошките и енергетските последици.

Текстот е преземен од Локално.