Иницијативата не предвидува забрана на Меркаторовата проекција, туку настојува картите со еднакви површини да станат нов стандард во образованието. САД е единствената земја што гласаше против.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ја изгласа резолуцијата со која државите, меѓународните организации, училиштата и технолошките компании се повикуваат постепено да ја напуштат традиционалната Меркаторова карта на светот и да преминат на картографски проекции кои поверно ја прикажуваат вистинската површина на Африка и на другите континенти.
Резолуцијата ја предложи Того, со поддршка од преостанатите 54 земји-членки на Африканската унија. Иницијативата не предвидува забрана на Меркаторовата проекција, туку настојува картите со еднакви површини да станат нов стандард во образованието, меѓународните институции и дигиталните технологии, особено таму каде што е важно прецизното споредување на големината на државите и континентите.
Министерот за надворешни работи на Того, Роберт Дуси, истакна дека барањето на африканските држави не се темели на политика, туку на научни факти.
„Оваа дискусија не е политичка, туку научна, бидејќи постојат научни докази и сите мораме да ја прифатиме реалноста“, рече Дуси, пренесува британски „Гардијан“.
Меркаторовата проекција ја развил фламанскиот картограф Герардус Меркатор во 1569 година, првенствено како средство кое им овозможувало на морепловците полесно да ја одредуваат насоката на пловење. Иако била создадена за потребите на навигацијата, низ вековите станала најпрепознатливиот приказ на светот, а денес е широко застапена во училиштата, државните институции и дигиталните карти.
Нејзиниот главен недостаток е тоа што значително ги зголемува областите во близина на половите, додека копнените маси околу екваторот изгледаат помали отколку што навистина се. Така, Гренланд на Меркаторовата карта изгледа речиси еднакво голем како Африка, иако африканскиот континент има површина поголема од 30 милиони квадратни километри и е речиси 14 пати поголем од данскиот арктички остров.
Застапниците за промена укажуваат дека во Африка истовремено би можеле да се сместат Соединетите Американски Држави, Кина, Индија, Јапонија, Мексико и поголемиот дел од Европа, а и по тоа би останал слободен дел од нејзината територија.
Кампањата „Да ја исправиме картата“ – се залага за употреба на проекцијата „Еднаква Земја“ – која во 2018 година ја развила меѓународна група картографи. Таа го задржува препознатливиот изглед на континентите, но нивните меѓусебни површини ги прикажува значително поверно од Меркаторовата проекција.
Африканската унија ја поддржа кампањата во 2025 година, а потоа на Того му беше доверено иницијативата да ја претстави пред Генералното собрание на ОН. Петицијата за промена на картата на светот ја потпишале повеќе од 11.000 луѓе.
Критичарите на традиционалниот приказ на светот со години тврдат дека неговите последици не се само географски. Одредени историчари и активисти го користат изразот „картографски колонијализам“, наведувајќи дека визуелното намалување на Африка и на другите делови од глобалниот југ посредно влијае врз начинот на кој се доживуваат нивната политичка, економска и демографска тежина.
Според ова толкување, непропорционалното зголемување на Европа, Северна Америка и Русија, заедно со визуелното намалување на екваторијалните области, со децении придонесувало за одржување на претставите за надмоќ на северната хемисфера.
Меѓу најпознатите критичари на Меркаторовиот приказ бил германскиот историчар Арно Петерс, кој во 1973 година претставил карта заснована на Гал-Питерсовата проекција. Иако и таа предизвикувала спорови поради изобличувањето на формите на континентите, била користена како една од најпознатите алтернативи на Меркаторовата карта.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, но усвојувањето на документот би можело да поттикне измени во наставните програми, учебниците, меѓународните извештаи и дигиталните картографски платформи.
Владата на Того планира во текот на првиот квартал од следната година во Ломе да организира состанок со претставници на УНЕСКО, Африканската унија и технолошките компании, меѓу кои би требало да бидат и „Гугл мапс“, со цел да се разговара за примената на резолуцијата.
„На оние што прашуваат зошто токму сега, им одговарам: зошто да не? Кога ќе ја погледнеме картата на светот, гледаме дека е време да го промениме наративот. Време е ние, Африканците, да ја преземеме одговорноста и да го промениме она што самите можеме да го промениме“, порача Дуси.
Следи го Антропол преку Google 
