Митревски: Со затворањето на училиштата, ги затвораме и селата

Став на Проф. д-р Боце Митревски

Кога ќе го затвориш единственото училиште во селото, тоа ја губи и причината да постои и како социјална заедница и како географска територија. Во тој момент заедницата почнува брзо да се распаѓа, младите што веќе се во селото заминуваат, а возрасните остануваат без поддршка.

Без училиште селото исчезнува од тетратките и плановите на локалната и централната власт, станува невидливо. Веќе замираат локалните бизниси, нема културни и спортски манифестации, нема смеа во училишниот двор, нема живот. Село без училиште е заборавено место, без шанса во преговорите за инвестирање во водоводна мрежа и канализација, транспортно поврзување, здравствен дом, спортско игралиште, поштенски услуги или бизнис план. Некој му пресудил и пропаѓањето забрзува.

МОН спроведува оптимизација на училишната мрежа како изолиран процес, небаре тоа е поврзано само со образованието. Некој квази мудрец во владата проценил дека 12 или 7 ученици во едно селско училиштето само генерира загуби, но не е свесен колку е голема помислата „што значи училиштето за заедницата”.

Како на никој во владата не му текна да стане и да каже „Училиштето е симбол на постоење на селото” – да направиме напори да го зачуваме. Ако не повеќе, барем да се обидеме. Друг да увиди контраст во тоа, едно училиште во градот да доделува бесплатни таблети за сите учениците, друга општина во Скопје да субвенционира полагање на возачки испит, трета урбана општина да доделува еднократни средства за секој нов ученик, и уште многу небулози, а на други ученици да им ги одземеш можностите, да ги натераш да патуваат секој ден до градот или да се иселуваат.

Притоа, не видовме понуда за порационално решение.

Немаше самокритика за висока корупција во сите сфери, злоупотреба и тајност во тендерските постапки, богатење на поединци на сметка на јавните средства, пропаднато судство, обемен „државен апарат” и превработеност во јавните институции и претпријатија.

Прстот повторно беше насочен кон невиниот народ кој на никој начин не управува со државата, кон младите, кон оние што тргнале кон надвор за да се спасат од корумпираниот и неефикасен систем, кон наставниците, кон претходните и идните влади.

За една нерационална власт, најлесно е да удри по училиштата и наставниците, а никако да се сврти кон државната бирократска структура: од 16 на 20 министерства, 24 министри, повеќе од 30 комисии (владини и посебни комисии), преку 150 советници, и уште колку регулаторни тела, агенции, бироа, управи, дирекции, инспекторати, заводи, фондови, центри, институти, секретаријати, служби, совети, до правни лица со јавни овластувања, плански регионални центри, независни и самостојни државни органи, или вкупно 532 институции во јавниот сектор, со повеќе од 3700 членови во управни и надзорни одбори. Иако, и за нив бројот на резидентни граѓани се намалува, сепак таму оптимизација е далеку од потребна, а не се ни спомнува.

Да посегнеш по беспомошните ученици во руралните места, нивните родители и наставници, а кои за разлика од оние погоре, ниту управуваат со буџет, ниту имаат службени возила, дневници и бесцелни патувања во странство, значи да удриш таму каде што е најмеко, таму каде што нема ниту моќ, ниту можност да ти возврати. Не може никој од владата да го разбере родителот што го испраќа детето по снегот во шест часот наутро за да стигне во осум на училиште во градот. Но, стапот има два краја и граѓаните ќе пресудат.

Разумен човек ќе преземе мерки, но не со затворање на училишта туку ќе се насочи кон комплементарен пристап, долгорочен процес на проактивна развојна стратегија, сузбивање на појавите и процесите кои го нагризуваат општеството – кои влечат назад и водат кон пропаст, со инвестирање во руралните средини, вложување во човечки ресурси, вклучување на луѓето во одлучувањето.

Затворањето на училиштето не е неутрален процес по однос на демографијата, економската одржливост, социјалната кохезија, земјоделието и сточарството. Власта ја пропушти шансата за флексибилен и хуман пристап кон селата и плодната почва како темел на опстанокот.

Сега загубите се трајни и акумулативни.