ДСП „Ленка“ обвинува дека работници во фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Скопје се распоредуваат на прекувремена работа над законски дозволениот лимит и дека Државниот инспекторат за труд не реагира на пријавите. Од организацијата велат дека испратиле пријави преку дигиталната алатка и по електронска пошта, но оти не добиле одговор, додека работниците повторно биле известени дека ќе работат 12-часовни смени.
Од ДСП „Ленка“ тврдат дека дел од работниците во фабриката оваа седмица веќе го достигнале максималното дозволено прекувремено работно време, откако во понеделникот и средата работеле по 12 часа, вклучително и во ноќна смена.
Според соопштението, на работниците потоа им било најавено дополнително да работат четири часа прекувремено, а во сабота уште осум часа.
Од „Ленка“ оценуваат дека со тоа би се достигнале 20 прекувремени работни часа во една седмица, што, според нивното толкување на Законот за работни односи, претставува прекршување на законските ограничувања.
Организацијата посочува и на дополнителниот товар за работниците кои патуваат од други градови. Според нив, дел од вработените поминуваат околу еден час во еден правец за патување до работното место, па по 12-часовна смена им останува значително помалку време за одмор.
ДСП „Ленка“ соопштува дека случајот го пријавила преку дигиталната алатка на трудовата инспекција, но тврди дека пријавата не била процесуирана.
Од организацијата велат дека дополнително испратиле и електронски пораки до трудови инспектори во Скопје, на адресите објавени на веб-страницата на Министерството, но дека не добиле одговор.
„Ленка“ тврди дека и покрај пријавите, до организацијата стигнала информација дека на работниците им е најавено повторно да работат 12 часа.
Во соопштението се наведува и дека работниците во фабриката минатата недела работеле и на 28 август, државен празник, како и во саботата.
ДСП „Ленка“ потсетува и на случајот од пред околу два месеца, кога, според нивните наводи, повеќе работници во фабриката имале проблеми по консумирање храна. Од организацијата велат дека немаат информации за тоа како бил процесуиран случајот и дали е утврдена одговорност.
Од ДСП „Ленка“ бараат итна реакција од Министерството за економија и труд и од Државниот инспекторат за труд, со цел да се проверат нивните наводи и да се утврди дали се почитуваат законските права на вработените.
Организацијата порача дека државните институции имаат обврска да обезбедат заштита на работничките права и да реагираат при сомнежи за прекршување на прописите.
Следи го Антропол преку Google 
