(Видео)Mециновиќ: Демографијата не се спасува со „Мамо, роди ми братче“ – Левица предлага закон за отпис на 20% од станбениот кредит по новороденче

Пратеничката група на Левица предлага со секое новородено или посвоено дете, државата да преземе 20% од преостанатиот станбен кредит на семејството. На тој начин, наместо демографската криза да се „решава“ со апели до децата да бараат братче или сестриче, државата конечно ќе преземе конкретна и материјална одговорност за создавање услови младите да можат да основаат и прошират семејство.

„Левица предлага простување на дел од кредитите во семејствата по основ на секое новородено или посвоено дете. Ние предвидуваме дека за секое новородено или посвоено дете државата ќе преземе 20% од останатиот станбен кредит во семејството. Тоа значи дека, за разлика од министерката Весна Јаневска, ние предлагаме 20% за братче, 20% за сестриче.“ – истакна пратеникот Амар МЕЦИНОВИЌ на денешната прес-конференција.

Денес македонските домаќинства должат речиси 2 милијарди евра само по основ на станбени кредити, што претставува речиси 40% од вкупната задолженост на домаќинствата. Само за една година, овој долг пораснал за 273 милиони евра, односно една третина за две години. Македонските семејства и понатаму го бараат својот дом, но до него доаѓаат преку сè поголеми задолжувања кон банките.

Последиците од политиките кои не создаваат материјални услови за живот веќе се видливи. Само во една година има 433 паралелки помалку, 3.000 првачиња помалку и 26 нови затворени училишта, со што вкупниот број празни училишта достигнува 148. Демографската криза не е резултат на тоа што младите не слушнале доволно апели да имаат деца, туку на несигурноста, сиромаштијата, ниските приходи и огромните долгови со кои се соочуваат.

„Додека Весна Јаневска бара од децата да бараат браќа и сестричиња, додека Мицкоски ја нудеше идејата за даночење на ергени, Левица смета дека решението мора да биде создавање на МАТЕРИЈАЛНИ УСЛОВИ. Демографската криза не се решава со апели, туку со создавање материјални услови преку долгорочни политики и силни инвестиции од државата. Не смее семејството да биде одлука за сиромаштија и доживотна несигурност преку долгови.“ – порача Мециновиќ.

„Наша задача е да создадеме услови за тоа, без да ги притискаме младите. Треба конечно да се впери прстот кон политиката и државата да преземе одговорност за условите во кои нејзините граѓани живеат.“