Комити ќе го бојкотираат Вардар сè додека Миленко Неделковски не си поднесе оставка

Кулминација на незадоволството, според „Комити“, бил последниот натпревар, кога дошло до инцидент со обезбедувањето и со навивачите.

Навивачката група „Комити“ донесе одлука да ги бојкотира натпреварите на ФК Вардар сè додека управата предводена од Миленко Неделковски не поднесе оставка.

Одлуката беше објавена преку социјалните мрежи, а како главни причини навивачите ги наведуваат, како што велат, аматеризмот и примитивизмот во клубот, како и низа незадоволителни одлуки на управата.

Кулминација на незадоволството, според „Комити“, бил последниот натпревар, кога дошло до инцидент со обезбедувањето и со навивачите.

Бојкотот ќе започне од натпреварот со Арсими, кој во понеделник од 19 часот ќе се игра на стадионот на ФФМ. „Комити“ најавија дека на тој меч ќе бидат присутни за последен пат, со цел да дадат поддршка на младите вардарци и да го изразат своето незадоволство кон управата.

Во своето соопштение навивачите побараа контролата при влезот на стадионот да ја врши исклучиво полицијата, а потоа најавија целосен бојкот на натпреварите на ФК Вардар.

Комити истовремено најавија дека во периодот на бојкотот поголемо внимание ќе посветат на натпреварите на РК Вардар.