Иран во средата започна нов бран ракетни и беспилотни напади врз американски воени цели во повеќе земји од регионот, откако во американските удари врз јужен Иран беа пријавени цивилни жртви во објект каде што се одржувала свадбена прослава. Техеран тврди дека во нападот загинале најмалку четири, а според поновите извештаи пет лица, меѓу кои и дете, додека десетици биле повредени.
Техеран најави „одмазднички одговор“
Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека започнала одмазднички операции против американското воено присуство во регионот, по новата серија американски удари врз цели во Иран.
Меѓу пријавените цели се американски позиции во Јордан, Бахреин, Кувајт и Ирак, додека иранските власти соопштија дека биле користени ракети и беспилотни летала. Вашингтон, од своја страна, соопшти дека американскиот персонал во регионот е евидентиран и дека повеќето од проектилите биле пресретнати.
Јорданските власти соопштија дека во воздушниот простор на земјата влегле 13 балистички ракети, од кои 10 биле пресретнати, додека останатите паднале во ненаселени области. Не се пријавени жртви во американската база кај Акаба.
Iran Strikes U.S. Sites Across Four Countries
— Ryan Rozbiani (@RyanRozbiani) September 2, 2026
1) 🇮🇶 Iraq: Maintenance center, equipment warehouses, surveillance system and fuel tanks
2) 🇯🇴 Jordan: Marine facilities, attack helicopters and drone hangars
3) 🇧🇭 Bahrain: Radar systems, fuel infrastructure and U.S. troop… pic.twitter.com/xMsJCVioWs
Свадбена прослава цел на напад од страна на САД во јужен Иран
Ескалацијата уследи откако американските сили извршија нови напади врз ирански цели, вклучително и во близина на стратешкиот Ормуски Теснец.
Иранските власти тврдат дека во градот Кухестак, во округот Сирик во провинцијата Хормозган, фрагменти од американска ракета погодиле станбен објект каде што се одржувала свадбена прослава.
Иранската Црвена полумесечина првично соопшти дека загинале четири лица, меѓу кои и дете, а повеќе од 50 биле повредени. Подоцнежните извештаи го зголемија бројот на загинатите на пет, додека бројот на повредени се искачи на повеќе од 60 според ирански извори.
САД потврдија дека извршиле удари врз цели поврзани со ИРГЦ, но не потврдија дека намерно бил погоден објект каде што се одржувала свадба. Американската страна нападите ги оправда како одговор на иранските активности поврзани со комерцијалниот поморски сообраќај и американските сили во регионот.
Трамп со нови закани кон Техеран
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно предупреди дека Иран ќе се соочи со уште посилен американски одговор доколку возврати на нападите.
Трамп ги опиша американските операции како големи и моќни и порача дека Вашингтон ќе продолжи со воените дејствија доколку Иран преземе нови напади.
Од Техеран, пак, стигнаа предупредувања дека земјите во регионот кои дозволуваат американско воено присуство би можеле да бидат погодени од дополнителни ирански одговори.
Повторно расте стравот поради тензииите во Ормускиот Теснец
Новата ескалација веднаш се одрази и врз светските пазари. Цената на нафтата повторно порасна поради стравувањата дека конфликтот би можел да го наруши транспортот низ Ормускиот Теснец, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта.
Според пазарните податоци, брентот во вторникот поскапел за околу 4,6 отсто, на над 94 долари за барел, додека американската нафта WTI пораснала за повеќе од пет отсто. Во средата цените продолжија да растат, со брентот над 95 долари за барел.
Најновата размена на напади ја продлабочува кризата меѓу Вашингтон и Техеран и го зголемува ризикот конфликтот да се прошири и на други делови од Блискиот Исток.
Следи го Антропол преку Google 
