Американски напад погоди свадбена прослава во Иран, најмалку петмина загинаа

Иран ги обвини САД дека во воздушен напад погодиле куќа во градот Кухестак, во јужната покраина Сирик, за време на свадбена прослава, при што загинале најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете. Според иранските власти, десетици лица се повредени во нападот што се случил рано во средата.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, го осуди нападот како „брутален“, наведувајќи дека во куќата имало голем број жени и деца. Според првичните информации, повеќе од 50 лица биле убиени или повредени, објави „Ал Џезира“.

Иранската државна телевизија „Прес ТВ“ извести дека во нападот загинале најмалку пет лица. Претставникот на Министерството за здравство, Хосеин Керманпур, на социјалните мрежи потврди дека меѓу жртвите има и дете.

„Едно дете е меѓу загинатите. Електричната енергија и телефонските линии се прекинати“, напиша Керманпур.

Снимките објавени од иранската Црвена полумесечина покажуваат тешко оштетена зграда, со разнесени ѕидови и прозорци, додека остатоци од објектот се расфрлани на улицата. Организацијата објави и фотографии на кои се гледаат деца како добиваат медицинска помош.

Гувернерот на округот Сирик, Реза Шахидијан, подоцна за државниот радиодифузер IRIB изјави дека 63 лица се ранети, од кои најголемиот дел се жени и деца. Повредените биле пренесени во болница во блискиот град Минаб и, според властите, се во стабилна состојба.

Новинската агенција „Фарс“ објави и сведоштво на дете кое ја преживеало експлозијата. Детето раскажало дека непосредно пред нападот слушнало борбени авиони во близина на местото каде што се одржувала прославата.

Нападот се случи во време на нова ескалација на воените дејствија меѓу САД и Иран. Американската војска претходно соопшти дека извршила нов бран напади врз, како што наведе, „ирански воени цели“.

Според американските власти, биле погодени системи за воздушна одбрана, радари, поморски средства, објекти поврзани со поставување мини, како и комуникациски центри. Вашингтон тврди дека нападите биле изведени по обид на Корпусот на Исламската револуционерна гарда да нападне трговски бродови во Ормутскиот теснец.

Тензиите дополнително се зголемија поради блокадата на Ормутскиот теснец, која Иран ја воведе по почетокот на американско-израелската војна против земјата на 28 февруари.

Иранската војска соопшти дека возвратила со напади врз американски бази и други цели во Јордан, Бахреин и Ирак. Кувајт, пак, соопшти дека пресретнал беспилотни летала и ракети.

Иранскиот портпарол Багаеи ја повика меѓународната заедница да преземе мерки и го поврза најновиот напад со претходните американски удари врз цивилни објекти.

Според иранските власти, во напад врз основно училиште во Минаб на првиот ден од војната загинале повеќе од 150 луѓе, додека во напад врз спортска сала во Ламерд биле убиени најмалку 21 лице. САД досега ги опишуваат своите операции како напади врз воени цели.