Исланд повторно ја откачи ЕУ: Граѓаните одбија отворање на преговорите за членство во унијата

Исланѓаните на референдумот одржан на 29 август повторно гласаа против продолжување на процесот за членство во Европската Унија. Со 52,8 отсто гласови „против“ наспроти 47,2 отсто „за“, Исланѓаните го одбија предлогот за повторно отворање на пристапните преговори, со излезност од 82,5 отсто.

Референдумот не се однесуваше директно на прашањето дали Исланд треба да стане членка на ЕУ, туку дали земјата треба да ги обнови пристапните преговори со Унијата. Доколку граѓаните гласаа „за“, преговорите што беа прекинати пред повеќе од една деценија ќе беа повторно активирани, а евентуалното членство подоцна повторно би било предмет на референдум.

Исланд поднесе апликација за членство во ЕУ во 2009 година, а преговорите започнаа во 2010 година. Процесот беше ставен во мирување во 2013 година, а земјата досега не го повлече формално своето барање за членство.

Една од клучните причини за отпорот кон членството е рибарството, кое има огромно значење за исландската економија. Противниците на повторното отворање на преговорите стравуваат дека членството во ЕУ би можело да ја ограничи контролата на земјата врз сопствените риболовни ресурси.

И покрај резултатот, Исланд и понатаму останува тесно поврзан со Европската Унија. Земјата е дел од Европската економска област, преку која има пристап до единствениот европски пазар, а истовремено е и дел од Шенген-зоната.

Премиерката Криструн Фростадотир го прифати резултатот, додека Владата најави дека во актуелниот мандат нема да ги обновува преговорите за членство. Наместо тоа, Исланд ќе продолжи да ги развива постојните односи со ЕУ преку Европската економска област.

Резултатот претставува и политички удар за оние кои се залагаа за поблиска интеграција со Брисел, особено затоа што референдумот се одржа во период на зголемени геополитички тензии и дебати за безбедноста на Северна Европа.