Во Дојран заврши Четвртата левичарска школа, организирана од Левичарскиот институт „Рацин“ при Левица, на која во текот на три дена беа обработувани политички, економски, историски и идеолошки теми. Преку предавања, филмска проекција и дискусии, учесниците дебатираа за империјализмот, Палестина, политичката организација, марксистичката теорија, Балканот, економската зависност и националното прашање.
Школата започна со предавање на д-р Игор Радев на тема „Кафеавото сахибство како глобален феномен“, во кое беше отворено прашањето за односите на моќ, колонијалните матрици и нивните современи облици во глобалниот политички поредок.

Радев се осврна на феноменот на домашните политички и општествени елити кои, според неговата анализа, прифаќаат туѓи интереси и вредносни матрици и потоа ги претставуваат како сопствени. Во рамките на предавањето биле разгледувани и прашањата за само-колонизацијата, односот кон странските центри на моќ и политичкиот и општествениот суверенитет.
Во вечерниот дел од првиот ден беше прикажан наградуваниот документарен филм „No Other Land“, посветен на животот на Палестинците под окупација, по што следувала дискусија со учесниците.
Кинеското искуство и политичката организација
Вториот ден од школата бил посветен на прашања поврзани со градењето политичка организација, историските основи на политичкото дејствување и искуствата од други политички системи.
Едно од предавањата го одржал професор Џјанг Вен, заменик-директор и вонреден професор на Одделот за меѓународна размена и светски политички партии при Партиската школа на Градскиот комитет на Комунистичката партија на Кина во Пекинг.

Тој зборувал за развојот на Комунистичката партија на Кина, од нејзините почетоци до денешната организација со повеќе од 100 милиони членови, со акцент на прашањата за единството на политичката организација, зачувувањето на политичките определби и способноста на институциите да одговорат на општествените проблеми.
Посебно внимание било посветено на учеството на младите во политичкиот живот и креирањето политики насочени кон нивните потреби. Во предавањето била истакната и тезата дека марксистичката теорија треба да се поврзува со конкретните општествени услови, наместо да се применува како непроменлива доктрина.
Вториот предавач, Ристо Солунчев, зборувал на тема „Хегеловиот систем на светот и историчноста на политичкото дејствување“.

Во фокусот биле историчноста на политиката и идејата дека општествените односи и политичките системи се производ на конкретни историски околности и, како такви, можат да бидат променети.
Балканот, империјализмот и економската зависност
Вториот ден бил заокружен со предавањата на Абделрахем Керави и Ненад Пекез, гости од српската Револуционерна народна партија-фронт (RNP-F).

Керави говорел за можностите за градење сојуз меѓу Србија и Македонија од марксистичка перспектива, при што ја анализирал положбата на двете земји во светскиот економски систем.
Во предавањето било отворено и прашањето за соработката меѓу балканските народи, со оценка дека нивното меѓусебно спротивставување може да придонесе за поголема економска и политичка зависност.
Пекез, пак, ја анализирал економијата на Балканот во светски рамки и механизмите преку кои, според неговата анализа, се одржува зависноста на периферните и полупериферните држави.

Меѓу темите биле финансиските условувања, влијанието врз локалните политички елити, медиумите и невладиниот сектор, како и економските санкции.
Националното прашање како завршна тема
Четвртата левичарска школа била заокружена со предавање на Љубомир Ѓоревски на тема „Нациите и национализмот – левичарска перспектива“, по што на учесниците им биле доделени сертификати.

Предавањето било посветено на историското создавање и развој на нациите, различните теоретски пристапи кон национализмот и неговото место во политичката мисла од левичарска перспектива.
Во текот на трите дена учесниците дискутирале и за империјализмот и колонијализмот, Палестина, искуството на Комунистичката партија на Кина, политичката организација, положбата на Балканот во глобалниот капиталистички систем и националното прашање.
Од Левичарскиот институт „Рацин“ велат дека политичката едукација ја сметаат за составен дел од политичкото дејствување и дека целта на школата е создавање на политички образовани и организирани кадри.
„Нема организирано движење без едуцирани политички кадри. Нема политички кадри без идеолошка работа. Нема вистинска промена без луѓе кои знаат за што и против што се борат“, порачаа организаторите.
Според организаторите, особено значење има учеството на млади луѓе кои сакаат подлабоко да ги разберат политичките и општествените процеси, а Четвртата левичарска школа претставува дел од нивните активности насочени кон политичка едукација и организациско јакнење на движењето.
Следи го Антропол преку Google 
