- Интерву со маратонката Росана Гошева – единствената Македонка учесничка на Охридскиот пливачки маратон
Росана, за почеток како започна вашата приказна со пливањето? Кога првпат се појави љубовта кон овој спорт и што ве натера од рекреативното пливање да преминете кон маратонското пливање?
Љубовта кон пливањето се појави меѓу првите натпревари. Впрочем, јас никогаш не сум се занимавала со рекреативно пливање. Почнав да тренирам на шест годишна возраст по иницијатива на мојот татко, со цел да се научам да пливам. Постепено дојдоа и првите натпревари на базен, меѓутоа маратонското пливање само по себе носи поголема убавина, самата природа го прави тоа посебно, како и атмосферата на маратонските трки. Натпреварите на базен отсекогаш ми биле понапнати, за разлика од пливањето на отворени води. Тоа е една од причините поради која одлучив да се насочам на маратонско пливање.
Учествувавте на Охридскиот пливачки маратон како единствена жена учесник од Макдонија. Какво беше чувството да се најдете во таква улога и колку беше физички и психички тешко да се издржи целата трка?
Откако почнав со пливање на Охридскиот маратон имав одредено чувство на одговорност кон истиот, одговорност да го испливам и да си докажам себе си дека вложениот труд ќе се исплати. Тоа и се случи. Привилегија е, но и притисок да се плива со светската пливачка елита. Самата трка беше психички понапорна, но се разбира и физички. Низ целата трка се соочував со болки во телото и се трудев максимално да се дефокусирам од истите. Знаев дека за да ја исполнам оваа цел треба психички да останам многу стабилна. Токму и на тоа работев изминатиов период. Се разбира огромна поддршка имав од моето семејство, тренерот и другарките со кои пливам од почетоците. Главната причина што останав до крај во овој процес е тоа што бев научена дека не смеам да се откажам и покрај сите потешкотии и препреки на трките и тренинзите.

Охридското Езеро е специфично за пливање, должината на пливачката патека, температурата на водата, брановите и временските услови можат значително да влијаат врз пливачите. Што беше најголемиот предизвик за вас за време на маратонот и на што моравте најмногу да внимавате?
Точно е дека временските услови можат да се променат во секунда. На тоа бев сведок минатата година кога маратонот беше прекинат поради бура. Важно е да се прифати дека не можеме да влијаеме врз моментално состојба на времето и дека треба да се тренираме да ги надминеме кризите што доаѓаат при самата трка. Сето тоа може да се регулира со добра психичка подготовка. Најголем предизвик ми беа емоциите, морав да внимавам да не подлегнам на нив. Добро се носев емоционално, меѓутоа речиси при самиот крај, околу 2 километри пред финишот, оставив да преовладаат чувствата и да уживам во последните километри од трката.
Од перспектива на човек кој активно се занимава со маратонско пливање, со какви проблеми најчесто се соочуваат пливачите во Македонија? Дали има доволно услови, базени, тренери, натпревари и можности за сериозен развој на овој спорт?
Најголем проблем за пливачите се непристапните цени и дефицитот на базени. Моментално во Скопје функционира само Олимискиот базен каде е премногу скапо. Познато ни е дека ќе проработи и базенот ,,Партизан” во Карпош. Овие 2 базена не го задоволуваат потребниот капацитет за сите пливачки и ватерполо клубови, а базените во Кисела Вода и Ѓорче Петров се оставени празни. Многуте најави за нивно отворање шират само дефетизам меѓу спортистите и тренерите. Тренери има, но сметам дека не се доволно вреднувани. Со оглед на тоа што буџетот на пливачките клубови зависи директно и најмногу од членарините на пливачите и цени за изнајмување на базените, тоа на тренерите не им гарантира достојни примања и осигурување. Така што, додека ситуацијата е ваква не верувам во значаен напредок на професионалноста кај идните генерации. Се помалку и помалку спортисти ќе бидат мотивирани да се насочат во професионалните тренерски води. За сериозен развој на спортот потребно е многу повеќе работа и инвестиција во спортска инфраструктура, како и професионализација на спортските кадри.

Колку државата и институциите реално им помагаат на пливачите? Дали чувствувате дека пливањето и маратонското пливање се доволно препознаени и поддржани, или спортистите мораат сами да ги обезбедуваат условите и средствата за тренинзи и натпревари?
Од лично искуство кажувам дека пливањето не е институционално поддржано. Пливањето во Македонија се базира на ентузијазам, желба за работа и љубов кон овој спорт. Пливачите мора сами да обезбедуваат средства. Сметам дека ова е механизам што го користат државните раководствата за да ја основаат својата клиентелистичка маса која подоцна ќе добие некои минимални бенефиции, а тоа не смее да биде така. Спортот е јавно добро за кое треба посветеност и инвестиција.
Маратонското пливање бара огромна дисциплина, физичка подготвеност и психичка издржливост. Како изгледа вашиот тренинг и што е потребно еден човек да жртвува за да се подготви за ваков предизвик?
Пливањето бара голема дисциплина и добро распределување на времето во текот на секој ден. Најголем дел од денот сум на базен. Правам од 8 до 10 тренинга во неделата, тоа значи и по 2 пати во денот. Тоа е сериозен предизвик за менаџирање и на останатите обврски, затоа додека бев во средно училиште денот ми поминуваше на базен, на часови и во читална. За да отидам дома едвај некогаш имав време. Маратонското пливање бара жртва и на летото, додека не завршат сите маратони едноставно нема одмор.
За крај, што ви значи Охридскиот пливачки маратон лично вам и кои се вашите следни цели? Дали планирате повторно да пливате на маратонот или на други маратони надвор од Македонија и што би им порачале на младите девојки и момчиња кои сакаат да се занимаваат со пливање и маратонски спортови?
Охридскиот маратон за мене е детски сон за кои се трудев да стане реалност. Сега планирам да направам поголема пауза од пливањето, а можеби и повлекување од натпреварувачките води, меѓутоа не можам да кажам дека оваа одлука е конечна. На сите спортисти им порачувам да не се откажуваат од зацртаните цели. Препреките на кои ќе наидат, ќе ги направат само посилни во иднина, ќе го оформат нивниот карактер и ќе им помогнат да се стекнат со самодисциплина. Исто така, ги советувам да се борат за подобар систем во спортот во Македонија и да не молчат пред институционалните пропусти.
Следи го Антропол преку Google 
