Соларна еуфорија, електросистемски хаос

Македонија во последните години како да ја сведе енергетската политика на едно прашање – колку нови мегавати ќе изградиме? Се бројат фотоволтаици, лиценци, приклучоци и инвестиции, а секој нов мегават автоматски се прогласува за домашен успех. Што е различно од државен. И кога системот го пржат соларите и ме срамат по конференции примерите на одвоена пракса на случувања во „Северна” Македонија, караванот на поовластени си тера. Но не разбираат дека електроенергетскиот систем не се мери само со инсталирана моќност. Вистинските прашања се дали имаме струја кога ни е потребна, дали мрежата може безбедно да ја прими и пренесе, дали знаеме во реално време што се случува во неа и колку на крајот сето тоа го плаќа потрошувачот. Можеме да изградиме илјадници мегавати соларни електрани, но ако во седум навечер мораме да увезуваме скапа струја, ако дистрибутивната мрежа има високи загуби и ако сè уште немаме целосно далечинско мерење, тогаш не сме изградиле модерен електроенергетски систем. Само сме додале производство врз инфраструктура која доцни зад потрошувачката.

Токму затоа словенечкото искуство е важно. Словенија не е Македонија и нема смисла слепо да ја копираме. Има нуклеарна електрана, членка е на Европската Унија и е подлабоко интегрирана во европскиот пазар. Но и таа е релативно мал систем, има значајна хидроенергија, дел од инфраструктурата е развивана во истиот поранешен југословенски електроенергетски простор и се соочува со истиот предизвик што веќе го чувствуваме и ние преку брз раст на производството од сонце. Разликата е во тоа што Словенците не планираат само електрани. Тие планираат што ќе се случува со струјата откако таа ќе биде произведена.

До крајот на 2025 година Словенија стигна до околу 1.571 MW соларни капацитети, повеќе од трипати повеќе отколку само четири години претходно. Но паралелно со новите панели се развиваат складирање, автоматизација, напредно мерење, енергетски заедници и механизми преку кои потрошувачот станува активен дел од системот. Кај нас често се однесуваме како да е доволно да ставиме најсовремен мотор во стар автомобил и потоа да очекуваме дека сè друго само ќе се приспособи. Не оди така. Колку повеќе децентрализирано производство имаме, толку попаметна мора да биде мрежата што го прифаќа.

Тука Македонија има сериозен проблем што премногу ретко се кажува. Во време кога зборуваме за батерии, електромобили, динамични тарифи и илјадници кровни фотоволтаици, голем дел од системот сè уште нема целосно далечинско отчитување и напредна мерна инфраструктура. Во Словенија речиси сите корисници веќе имаат напредни мерни уреди. Таму броилото не е само кутија што покажува колкава сметка треба да платите, туку сензор на електроенергетскиот систем. Операторот знае кога и каде расте потрошувачката, може побрзо да забележи аномалија, подобро да планира инвестиции и да создаде услови за нови тарифи и нови услуги. Кај нас и понатаму зборуваме за тоа колкав процент од броилата биле физички или периодично отчетени! Тоа е огромна разлика во начинот на управување со системот.

Најлесно е ова да се објасни со медицина. Замислете лекар кој треба да лекува пациент, но наместо да има пулс, притисок и температура во реално време, добива еден лист со податоци на неколку месеци. Може да го лекува пациентот, но многу потешко ќе забележи кога нешто почнало да оди наопаку. Истото важи и за електричната мрежа. Ако сакаме илјадници мали производители, батерии, полначи и нови потрошувачи да работат заедно, мораме да знаеме што се случува во мрежата речиси во реално време. Без податоци нема паметна мрежа, без разлика колку пати во стратегиите ќе го напишеме зборот „smart“.

Уште понепријатна е приказната со загубите. Во македонската дистрибутивна мрежа загубите во 2024 година биле околу 13,3 проценти, додека кај словенечките дистрибутивни компании се движат околу четири до четири и пол проценти. Тоа значи дека кај нас процентот е приближно трипати повисок. Дел од тие загуби се технички и се неизбежни затоа што секој кабел има отпор, секој трансформатор има свои загуби. Но дел се комерцијални или нетехнички: неточно измерена потрошувачка, манипулации, неовластено преземање струја и други случаи во кои енергијата е испорачана, но не е правилно евидентирана или наплатена. И токму тука паметното мерење престанува да биде технолошки луксуз и станува основна алатка за контрола на системот.

Проблемот со загубите не е само инженерски. Тој е и човечки. Кога струјата е произведена, пренесена и потрошена, а дел од неа никогаш не е правилно наплатен, таа загуба не исчезнува. Некој ја плаќа. На крајот, директно или индиректно, ја плаќаат граѓаните и компаниите што редовно ги подмируваат своите сметки. Затоа борбата со нетехничките загуби не е прашање на репресија, туку на правичност. Не е нормално дисциплинираниот потрошувач преку системот да ја покрива неефикасноста или злоупотребата на друг.

Парадоксот е што истовремено сакаме да изградиме енергетика од иднината. Зборуваме за електромобили, паметни домови, батерии и динамични цени, а основата за сето тоа е мерењето. Ако сакаме струјата да биде поевтина во часови кога ја има многу, мора точно да знаеме кога некој ја потрошил. Ако сакаме домашна батерија или електромобил еден ден да помогне во балансот на системот, мора да постои двонасочна комуникација. Ако сакаме брзо да откриеме необјаснива потрошувачка или кражба, мора податоците да пристигнуваат веднаш, а не по неколку недели или месеци. Не можеме да бараме енергетика од 2035 година со логика на мерење од некое друго време.

Сличен проблем имаме и со сончевата енергија. Фотоволтаичната централа произведува кога има сонце, а не кога на Македонија ѝ треба струја. Во летен ден околу пладне можеме да имаме огромно соларно производство, но истото се случува и во Грција, Бугарија, Србија и пошироко во регионот. Кога сите произведуваат истовремено, струјата е евтина и понекогаш пазарната вредност драматично паѓа. Неколку часа подоцна сонцето заоѓа, луѓето се враќаат дома, се вклучуваат климите, шпоретите и бојлерите, а соларното производство нагло исчезнува. Тогаш почнува вистинскиот тест за системот. Не ни помага многу што во 13 часот сме имале евтина струја ако во 20 часот мораме да купуваме скапа.

Токму затоа складирањето станува толку важно. Словенија уште од 2009 година ја има пумпно-акумулационата хидроелектрана Авче. Принципот е едноставен: кога струјата е евтина и ја има повеќе, се користи за пумпање вода во горна акумулација; кога струјата е потребна и е поскапа, водата се пушта назад низ турбината. Авче троши повеќе електрична енергија за пумпање отколку што потоа произведува, што на прв поглед може да изгледа нелогично. Но поентата на ваква електрана не е да создаде енергија од ништо. Нејзината вредност е во тоа што ја преместува енергијата од час кога таа вреди малку во час кога вреди многу. Со други зборови, водата станува огромна батерија.

Токму низ таа призма Македонија треба повторно да го погледне Чебрен. Со децении го третираме како класична хидроелектрана и го пресметуваме главно преку тоа колку струја годишно ќе произведе. Но во систем со многу сонце, неговата поголема вредност може да биде способноста да складира и брзо да враќа енергија. Ако во два попладне имаме евтина струја од сонце, таа може да се искористи за пумпање вода. Ако во осум навечер цената скокне и системот има недостиг, Чебрен може брзо да врати голема моќност. Тогаш не продаваме само мегават-час. Продаваме мегават-час во моментот кога најмногу вреди. Во модерната енергетика времето на испорака е дел од вредноста на самата енергија.

Словенија истиот принцип го применува и со батерии. Преку проектите на ЕЛЕС поставени се батериски системи што не служат како декорација на зелената транзиција, туку за баланс, системски услуги и подобро управување со мрежата. Претежно за подобрување на квалитетот на регулација на секундарната фреквенција. Тоа е уште една лекција што Македонија мора брзо да ја прифати. Не секој проблем во мрежата бара нов далновод. Понекогаш батерија поставена на вистинското место може да биде поевтино и побрзо решение. Не секој недостиг бара нова електрана. Понекогаш е поевтино голем потрошувач доброволно да ја помести потрошувачката за еден час. Не секој дополнителен капацитет се добива со повеќе бакар и железо. Дел од него се добива со подобри податоци, автоматика и управување.

Затоа Македонија не треба да го сопира соларниот развој. Напротив, сонцето е еден од најголемите домашни ресурси што ги имаме и треба максимално да го користиме. Но периодот во кој секој нов фотоволтаичен мегават автоматски се славеше како успех мора да заврши. За секој нов проект треба да прашаме каде ќе се приклучи, дали мрежата може да го прифати, што ќе се случува со напонот, кој ќе го балансира производството, каде ќе оди вишокот и што ќе правиме кога сонцето ќе исчезне. И уште поважно, треба да знаеме дали операторот воопшто има доволно податоци во реално време за да управува со сите тие нови извори. За производството, мора да биде планирано таму каде што има потрошувачка и во режим кој одговара на теренот!

Енергетската транзиција не почнува со панелот. Таа почнува со системот. Со паметно броило, автоматизирана трафостаница, помали загуби, батерија, флексибилен потрошувач, хидроелектрана што може брзо да реагира и пазар кој испраќа точни ценовни сигнали. Ако една од тие алки недостасува, целиот систем станува поскап и понестабилен. Словенија тоа го разбира и затоа не инвестира само во производство, туку и во инфраструктурата што му дава вредност на тоа производство.

Македонија во следните години не треба да се фали само со бројот на нови електрани. Вистински успех ќе биде кога речиси секое броило ќе може да се чита далечински, кога потрошувачот ќе знае колку троши во секој дел од денот, кога дистрибутивните загуби ќе почнат сериозно да се доближуваат до европските нивоа, кога батериите ќе станат нормален дел од системот и кога Чебрен конечно ќе го гледаме како стратешки капацитет за складирање и флексибилност, а не како проект заглавен во бескрајни тендери и концепти од минатиот век.

Уште една тема што ретко се објаснува, а директно покажува колку државата, регулаторот и операторот навистина го контролираат системот, е рамномерното оптоварување на трите фази. Во нисконапонската дистрибутивна мрежа имаме L1, L2 и L3, со околу 230 V меѓу фаза и нула и 400 V меѓу две фази, а врските „ѕвезда“ и „триаголник“ се основа на трифазните системи; наједноставен пример е голем мотор што стартува во ѕвезда за да ја намали почетната струја, а потоа преминува во триаголник. Но за граѓанинот поважно е нешто друго: ако на една улица премногу клими, бојлери, шпорети, полначи или соларни инвертери завршат на иста фаза, едната фаза може да биде преоптоварена додека другите две имаат резерва. Тогаш добиваме падови или порасти на напонот, поголеми загуби и исклучување на опрема; еднофазен соларен инвертер од 6 kW, на пример, внесува околу 26 ампери само во една фаза и ако повеќе такви системи се натрупаат на истата гранка, инвертерите може да почнат да се исклучуваат токму напладне кога треба најмногу да произведуваат. Затоа квалитет на снабдување не значи само „има струја“, туку дали напонот е во граници, дали фазите се избалансирани, колку често снемува струја и колку траат прекините. И токму тука престануваат изговорите. Македонија ја приватизираше дистрибуцијата уште во 2006 година, кога 90 проценти од тогашното ЕСМ беа преземени од EVN AG, а денес Електродистрибуција е операторот одговорен за мрежата, броилата и техничкиот квалитет на испораката.  Ако државата решила природен монопол од вакво значење да го остави на корпоративен оператор, тогаш нејзина должност е тој оператор да го регулира многу построго отколку обична фирма на слободен пазар, затоа што граѓанинот може да смени продавница или мобилен оператор, но не може да избере друга дистрибутивна мрежа до својата куќа. А тука регулативата доцни недозволиво: РКЕ во сопствениот извештај за 2025 година наведува просечен SAIDI од 715 минути и SAIFI од осум прекини за опфатените напонски нивоа, додека прекините на 0,4 kV — токму мрежата на која живее најголемиот дел од населението — според важечките мрежни правила воопшто не се обработуваат директно; уште поапсурдно, РКЕ дури сега најавува утврдување целни нивоа за да воспостави систем на награди и казни за операторите.  Тоа е суштината на проблемот: по две децении приватизирана дистрибуција сè уште зборуваме во идно време за мерливи стандарди и финансиски последици за лош квалитет. ЕВН, од своја страна, сосема легитимно функционира како компанија што води сметка за приходи, трошоци и принос на капиталот — но токму затоа државата и РКЕ не смеат да се однесуваат како набљудувачи. Кога приходот од мрежарината е регулиран и корисникот нема алтернативна мрежа, инвестициите во автоматика, паметни броила, баланс на фазите, нисконапонска мрежа и квалитет на напон не смеат да зависат од тоа што е најисплатливо за операторот, туку од јасно пропишани обврски, рокови и казни. Уште поиронично, матичната EVN AG не е ни класична приватна фирма: 51 проценти се во сопственост на покраината Долна Австрија, а уште 28,4 проценти ги држи компанија во сопственост на Град Виена. Значи Македонија практично продала стратешка инфраструктура на странска компанија со доминантно јавно австриско сопствеништво, а дваесет години подоцна нашиот регулатор сè уште допрва планира целни показатели и систем на казни. Тоа не е проблем само на ЕВН; тоа е неуспех на македонската држава да постави правила според кои монополската позиција мора да се заслужува со мерлив квалитет. Ако операторот заработува од секој киловат што минува низ мрежата, тогаш државата има право и обврска да бара да знае што се случува на секоја фаза, во секоја трафостаница и на секој нисконапонски извод, а кога стандардите не се исполнети казната да биде автоматска, а не граѓанинот со години да се јавува на телефон и да докажува дека напонот му паѓа. Во спротивно имаме најлоша можна комбинација: приватизиран профит, монополски пазар и јавност што го носи ризикот.

Следната енергетска криза нема да нè праша колку соларни панели сме поставиле и колку мегавати сме запишале во статистиката. Ќе нè праша нешто многу поедноставно: дали имаме струја кога ни треба, дали мрежата знае што ѝ се случува и дали системот може брзо да реагира кога нешто ќе тргне наопаку. Тогаш се гледа разликата меѓу земја што има многу електрани и земја што има вистински електроенергетски систем.

П С. Потребен ни е строг државен апарат кој не простува грешки и конкретно и мерливо го мери успехот/неуспехот во природниот монопол на ЕВН.

П.П.С. Но со природно неук главен примариус регулатор кој не разликува 40.000 TWh од 40.000 TW, статус квото ќе продолжи најмалку уште 10 години.

П.П.П.С. Текст пишуван со природна интелигенција.

Колумна на д-р Сретен Давидов маг. инж. ел.