Ибн Халдун (1332–1406), во својата „Мукадима“, што буквално може да се преведе како „Вовед“ или, попрецизно, „Пролегомена“, односно како воведни забелешки кон едно пошироко и посложено научно-филозофско дело, ги анализира законитостите според кои се развива и пропаѓа едно општество.
Имено, Халдун првично ова дело го замислил како вовед во својата општа историја „Китаб ал-Ибар“, но тоа подоцна прераснало во самостојно четиво.
Анализирајќи ги подемот и падот на северноафриканските династии од неговото време, Халдун се обидел да објасни како солидарноста (асабија) создава заедници/држави, а потоа како концентрацијата на моќта, луксузот и раскошот, конзумеризмот, неправдата и слабеењето на заедничарењето постепено доведуваат до нивно пропаѓање.
Во ова свое дело, Халдун издвојува, односно апстрахира, неколку општествени феномени како показатели на пропаста на една заедница и, ако треба грубо да се наведат преку парафраза на неговите тези, тие би биле следниве:
1. Губење на солидарноста како главен извор на легитимитетот: врхушката на власта ги отстранува поранешните сојузници и ја концентрира моќта околу себе, своето семејство и зависните следбеници. Хмм, звучи познато, нели? Па да, доволно е да се сетите на Милошоски, Илија Димовски и слични архетипови на поданик и политички безрбетник;
2. Пад на производството: неправдата и растот на администрацијата, поради потребата да се купи политичката лојалност, си го прават своето. На пример, видете ги полицијата и администрацијата, тие се во постојан пораст. Еден куп бирократи, а индустријата нема работници. Друго, поред ДЗС, индустриското производство во февруари 2026 година било пониско за 4,2% во споредба со претходната година, особено во рударството и енергетиката..;
3. Конзумеризам: елитата се навикнува на луксуз за кој се потребни сè поголеми приходи, што треба да се соберат од народот, од работниците. Пример: нов владин авион, саат од 60 илјади евра..;
4. Потиснување на способните: владетелот им ги доверува важните работи на лојални, но нестручни миленици. За пример, доволно е да се сетите на националните координатори Љутков, Солза Грчева и Влатко Ѓорчев, па и Павле Трајанов;
5. Ширење на неправдата: Интересно е тоа што, за Халдун, неправдата не е само етички проблем, туку и причина за директно разорување на економијата;
6. Губење на надежта: логична последица кога трудот не се исплати, а успехот не е загарантиран иако е заслужен, и така исчезнува мотивот за работа, што води кон дополнителен пад на производството;
7. Иселување: за ова нема потреба посебно да се потсетува и да се реферира на Македонија, тоа кај нас веќе е закономерност;
8. Ароганција на власта: владетелот се оддалечува од групата и почнува да владее преку присила. Па видете го Мицквски, тој владее преку ПР-силување, тоа е јасно како ден. Кутри се само оние по штабовите кои мислат дека ВМРО ги врати и името и знамето, па се шетаат со вергини и креваат три прста кога вмровски шериф покрај нив поминува;
9. Раскош и фалба: еклатантен пример е Белата палата, и однадвор и одвнатре, со екстремен луксуз, уникатни материјали и барокен стил, се разбира;
10. Лицемерство и додворување: ехеее, почни од Ацо Лигња, заврши со Орце од кај пругите, кој прво му е благодарен на Мицко, па потоа на Господ Бог;
11. На крај доаѓаат општото помирување со состојбите на пропас и нејзино нормализирање: па кој веќе верува во државата?! Никој. За обичниот човек, за жал, веќе сите се исти!
Следи го Антропол преку Google 
