Владата на Србија денеска предложи зголемување на минималната плата од 1 јануари 2027 година за 9,2 отсто, со што минималецот кај нашиот сосед би пораснал од околу 550 на 600 евра, објави српскиот министер за финансии Синиша Мали. Додека Белград чекори кон 600 евра минимална плата, Владата на ДПМНЕ годинава го зголеми македонскиот минималец на само околу 26.000 денари (околу 420 евра), одбивајќи го континуираното барање на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) минималната плата да достигне 500, а потоа и 600 евра.
Според предлогот на српската Влада, минималната месечна плата би се зголемила од сегашните 64.554 динари на 70.470 динари. Минималната цена на трудот по час истовремено би пораснала од 371 на 405 динари.
Со ваквото зголемување, Србија води помеѓу минималните плати во регионот на таканаречениот „Западен балкан“, каде Македонија веќе подолго време се наоѓа на самото дно според официјалните споредби на висината на минималецот. Додека Албанија од јануари 2026 година го подигна својот минимален износ на 425 евра, а од јули на 500 евра, а Србија веќе минатата есен ја зголеми минималната плата на 500 евра, во Македонија синдикатите со месеци предупредуваат дека законското усогласување на минималецот, спроведено во март 2026 година, изнесувало едвај 1.600 денари, далеку под барањата на ССМ за минимална плата од 500, односно 600 евра.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изминатиот период повеќепати ја обвини Владата дека одбива значително да го зголеми минималецот, а во февруари 2026 година синдикатот дури физички ја блокираше зградата на Владата на улицата „Илинденска” во Скопје, барајќи итен социјален дијалог и најавувајќи генерален штрајк доколку барањата не бидат исполнети. И покрај тие притисоци, актуелниот износ на минималната плата во Македонија останува значително понизок од сите соседни земји, вклучувајќи ја и Србија, чија влада сега дополнително го одделува растојанието со најавата за уште едно значително покачување.
Аналитичарите предупредуваат дека продолжувањето на ваквиот тренд, во кој Македонија системски заостанува зад регионалните трендови за подигнување на минималните примања, дополнително ја поттикнува веќе изразената миграција на работната сила кон земји со поволни услови за живот и работа, а прашањето дали и кога Владата на ДПМНЕ конечно ќе го исполни барањето на ССМ за минимална плата од 500, односно 600 евра, останува отворено до следното законско усогласување следната година.
Следи го Антропол преку Google 
