Ленка со детален преглед: Владата на Мицкоски само во 2025 година го задолжи народот со стотици милиони евра

Движењето за социјална правда Ленка објави детален преглед на новите задолжувања на централната влада, гаранциите и кредитните линии склучени во текот на 2025 година, вклучувајќи заеми од Светска банка, ЕБОР, ЕУ, домашни комерцијални банки и странски кредитори. Според податоците, преземени од Извештајот на Министерството за финансии за јавно задолжување, само годинашните нови заеми и гаранции изнесуваат стотици милиони евра, наменети за инфраструктурни проекти, буџетски дефицит и итна финансиска консолидација на Електрани на Македонија.


Соопштението на Ленка во целост:


КОЛКУ ПАРИ САМО ВО 2025 Г. ВЛАДАТА НА МИЦКОСКИ ГО ЗАДОЛЖИ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД


1. Новосклучени заеми на централната влада

→ На 10.10.2025 година се потпиша Договор за заем со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 15.000.000 евра;
  • каматна стапка: каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон;
  • рок на отплата: 12 години со вклучен грејс период од 3 години;
  • начин на отплата: заемот ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати, од кои 17 полугодишни рати секоја во износ од 5,56% од износот на заемот, додека последната, 18та рата, во износ од 5,48% од износот на заемот. Отплатата ќе се врши на 15 јуни и 15 декември секоја година;
  • други трошоци: еднократна провизија во износ од 0.25% од износот на заемот и провизија од 0,25% од неповлечени средства од заемот на годишно ниво.

→ На 30.12.2025 година се потпиша Договор за заем со Европската банка за обнова и развој за финансирање на Проектот „Обновување на товарниот возен парк” на Железници на Република Северна Македонија Транспорт – АД Скопје. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 20.900.000 евра;
  • каматна стапка: каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%;
  • рок на отплата: 15 години, со вклучен грејс период од 4 години;
  • начин на отплата: заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати, на 20 јануари и на 20 јули секоја година;
  • други трошоци: еднократна провизија во висина од 1% од износот на заемот и провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно.

→ На 27.02.2025 година се потпиша Договор за заем за финансиска помош од Европската унија за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 535.012.159 евра;
  • начин на повлекување на средствата: Министерството за финансии до Европската комисија ќе поднесува барања за повлекување на средствата од заемот. Средствата ќе се повлекуваат на рати, при што Европската комисија може да ги исплаќа ратите во една или повеќе транши. За секоја исплата на рата или транша од заемот, Европската комисија ќе издава Потврда за прифаќање, со која ќе се утврдуваат конечните услови на исплатата, вклучувајќи го износот на главницата, нето-износот на исплата, датумот на исплата, датумот на доспевање, датумите на плаќање на каматата и другите релевантни услови;
  • рок на отплата: најдоцна 40 години од датумот на потпишување на Договорот за заем, со вклучен грејс период до 10 години;
  • начин на отплата: отплатата на главницата започнува од 2034 година и ќе се врши рамномерно, преку еднакви отплати во текот на преостанатиот период на доспевање на повлечените средства.

→ На 07.04.2025 година се потпиша Договор за краткорочен кредит со Шпаркасе банка АД Скопје. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 70.000.000,00 (седумдесет милиони) евра во денарска противвредност
  • каматна стапка: варијабилна 12м Еурибор + маргина 0.95%;
  • рок на отплата: до една година;
  • начин на отплата: еднократна отплата, согласно Договорот и
  • провизии и трошоци: еднократна провизија за водење на кредитен аранжман во износ од 0,35% од вкупниот износ на кредитот.

→ На 05.12.2025 година се потпиша Договор за краткорочен кредит со НЛБ банка АД Скопје за финансирање на буџетски дефицит. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 30.000.000,00 (триесет милиони) евра во денарска противвредност
  • каматна стапка: збир од 12 месечен ЕУРИБОР важечки два работни дена пред денот на исплата на кредитот и фиксен додаток дефиниран како разлика помеѓу 3,50% и 12 месечен ЕУРИБОР кој што е важечки два работни дена пред денот на исплата на кредитот;
  • рок на отплата: 12 месеци од датумот на договорот;
  • начин на отплата: еднократна отплата, согласно договорот;
  • провизии и трошоци: еднократна провизија за водење на кредитен аранжман во износ од 0,20% од вкупниот износ на кредитот.

→ На 09.12.2025 година се потпиша Договор за краткорочен кредит со Шпаркасе банка АД Скопје. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 40.000.000,00 (четириесет милиони) евра во денарска противвредност
  • каматна стапка: варијабилна 12м Еурибор + маргина 1.20%;
  • рок на отплата: до една година;
  • начин на отплата: еднократна отплата, согласно Договорот и
  • провизии и трошоци: еднократна провизија за водење на кредитен аранжман во износ од 0,35% од вкупниот износ на кредитот.


2. Долг на Развојната банка на Македонија од Буџетот на Република Македонија

→ На 29.01.2025 година беше потпишан Договорот за задолжување од Буџетот на Република Македонија за кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватните трговски друштва помеѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Развојната банка на Република Македонија АД Скопје. Согласно член 25 – в од Законот за јавен долг за реализација на проекти и/или програми на Владата на Република Македонија, на Развојната банка на Македонија и се одобри заем од Буџетот на Република Македонија. Овој заем беше потпишан под следните услови:

  • износ: 250.000.000 евра во денарска противвредност,
  • каматната стапка изнесува 0%,
  • користењето на средствата се врши во една или повеќе транши во рок од 3 години од датумот на потпишување на Договорот за задолжување од Буџетот на Република Македонија за кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватните трговски друштва помеѓу Министерството за финансии и Развојната банка на Република Македонија АД Скопје, и
  • крајниот датум на отплата на заемот е 15 години од датумот на потпишување на Договорот за задолжување од Буџетот на Република Македонија за кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватните трговски друштва помеѓу Министерството за финансии и Развојната банка на Република Македонија АД Скопје.


3. Издадени гаранции во 2025 година

→ На 17.06.2025 година беше потпишан Договорот за гаранција помеѓу Халк банка АД Скопје и Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии, а на 13.06.2025 година беше потпишан Договорот за заем помеѓу Халк банка АД Скопје и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, наменет за обртни средства на Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје. Овој заем беше потпишан под следните услови:

  • износ: 1.800.000.000 денари;
  • каматна стапка: договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,5 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 4,2% годишно;
  • рок и начин на oтплата: отплата во 96 еднакви месечни ануитети, секој последен ден од месецот, од секоја година, почнувајќи од 31.07.2027 година, а најдоцна до 30.06.2035 година;
  • грејс период: од денот на исплатата на кредитот до 30.06.2027 година.

→ На 01.12.2025 година беше потпишан Договорот за гаранција помеѓу Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и Халк банка АД Скопје и Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии, а на 27.11.2025 година беше потпишан Договорот за синдициран заем помеѓу Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и Халк банка АД Скопје и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, наменет за измирување на достасани обврски со цел одржување на ликвидност и итна финансиска консолидација на Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје. Овој заем беше потпишан под следните услови:

  • износ: 3.600.000.000 денари;
  • каматна стапка: договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,7 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 4,2% годишно;
  • рок на oтплата: до десет години со вклучени две години грејс период.


4. Издадени гаранции кај надворешните кредитори

→ На 22.12.2025 година се потпишаа Договорот за гаранција помеѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии, и Договорот за заем помеѓу КФВ и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, за финансирање на Проектот за Фотонапонска електроцентрала Битола 3 и за дополнително финансирање на Проектот за ревитализација на хидроелектрани. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 60.000.000 евра;
  • каматна стапка: ќе се утврдува одделно за секое повлекување од заемот;
  • рок на oтплата: 12 години со вклучен грејс период од 3 години;
  • начин на отплата: заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 мај и 15 ноември;
  • други трошоци: еднократна провизија во износ од 1% од износот на заемот и провизија од 0,5% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

→ На 22.12.2025 година се потпишаа Договорот за гаранција помеѓу Европската банка за обнова и развој – ЕБОР и Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии, и Договорот за заем помеѓу ЕБОР и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, за финансирање на Проектот за Фотонапонска електроцентрала Битола 3. Условите под кои беше потпишан овој заем се следните:

  • износ: 37.000.000 евра;
  • каматна стапка: каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%;
  • рок на oтплата: 15 години со вклучен грејс период од 3 години;
  • начин на отплата: заемот ќе се отплаќа во 24 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 10 јуни и 10 декември секоја година;
  • други трошоци: еднократна провизија во износ од 1% од износот на заемот и провизија од 0,5% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

*Оваа листа на долгови е составена од Извештајот на Министерствот за финансии за јавно задолжување.


Ленка ја повика јавноста да ги следи ваквите задолжувања, потенцирајќи дека дел од новите заеми се наменети за санирање на финансиската состојба на Електрани на Македонија преку гаранции кај домашни и странски банки. Се очекува податоците за вкупната задолженост на државата да бидат предмет на дополнителна анализа од страна на економски аналитичари и институции, а прашањето за одржливоста на јавниот долг останува во фокусот на политичката и стручната јавност.