Економистот и координатор на Секторот за финансии при Левица, Марјан Димитриев, реагира на, како што вели, манипулативното претставување на економските показатели од страна на власта. Тој посочува дека падот на инфлацијата од 5,7% на 2,3% не значи дека цените се намалиле, туку дека забавил нивниот раст, при што од јуни 2024 до јули 2026 година општото ниво на потрошувачките цени пораснало за 7,74%.
Димитриев ги анализира и податоците за БДП, индустриското производство и извозот, тврдејќи дека зад позитивните проценти се крие поинаква економска слика. Тој укажува на нискиот раст на инвестициите, падот на бројот на работници во индустријата и трговскиот дефицит од 88,6 милијарди денари, нагласувајќи дека клучно прашање е колкава домашна додадена вредност создава македонскиот извоз.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Бојане, убаво звучи кога ќе се наредат неколку проценти еден до друг, но економијата не се чита како партиски флаер.
Да расчистиме една работа, падот на инфлацијата од 5,7% на 2,3% НЕ значи дека цените се намалиле за 60%. За твоја информација, од јуни 2024 (кога ја презедовте власта) па заклучно со јули 2026 година општото ниво на потрошувачки цени пораснало за 7,74%. Еве и пластично да ме разбереш, ако нешто чинело 10.000 денари во јуни 2024 сега истото тоа чини 10,774 денари. Политички е многу манипулативно кога се претставува дека инфлацијата се намалила за 60%.
Потоа, се фалиш со раст на БДП од 3,1% како тоа да е доказ дека економијата доживува голем развоен подем. Но бројката само по себе не кажува ништо за квалитетот на економскиот раст. Напротив, официјалните податоци покажуваат дека растот во првиот квартал од 2026 година е ЗАБАВЕН во однос на претходниот период. Уште поважно е ОД ШТО Е СОСТАВЕН ТОЈ РАСТ. Во првиот квартал од оваа година, финалната потрошувачка расте за 7,3% додека бруто инвестициите растат само 1,8% и пази сеа, финалната потрошувачка има ОГРОМНО учество од 86,4% во БДП. Тоа отвара многу посериозни прашања, дали создаваме економија со поголем производен капацитет и додадена вредност или само економија во која се троши повеќе ? Очигледно е второто и гледано економски ова е краткорочно и неодржливо.
Трето, велиш дека индустриското производство пораснало за 6,5%. Еден позитивен месечен резултат не е доказ за раст на индустријата. Кумулативно гледано од јануари до мај 2026, индустриското производство е на индекс 99,7 што значи во просек е 0,3% пониско во однос на истиот период 2025. Ова практично ти ја руши пропагандната теза дека индустријата расте 6,5%. Друго прашање кое се поставува е зошто ПАЃА бројот на работници во индустријата кој е намален за 3% за периодот јануари-мај во однос на истиот период 2025 година ?
И за крај, во однос на извозот повторно бираш одредена бројка и ја претставуваш како голем економски успех. Да, извозот расте, за периодот јануари-мај пораснал за 5,7% (ова е порелевантен показател од твоите 8%) но во истиот период увозот е пораснат за 5,9% (а ти ова не го спомнуваш во твоите манипулативни бројки). Во првите пет месеци од годината, Македонија има извезено стоки во вредност од 217,9 милијарди денари но има увезено стоки во вредност 306,5 милијарди денари. Тоа создава трговски ДЕФИЦИТ од 88,6 милијарди денари или 1,44 милијарди евра.
Еве пластично да ме разбереш, со нашиот извоз ние покриваме само 71% од увозот и ова не е за фалење. Е сеа, ако сакаш да навлеземе во економската суштина (пошо очигледно си само површен, незнам дали од незнаење или свесно манипулираш) тогаш треба да се постави прашањето каков извоз имаме? А еве го и одговорот, Македонија нема изградено високотехнолошка и домашна производна база за да извезува производи со додадена вредност.
Затоа вистинското прашање не е само колку извезуваме туку КОЛКАВА ДОМАШНА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ СОЗДАВА ТОЈ ИЗВОЗ? Колку домашни компании учествуваат во него ? Колку добро платени работни места создава тој извоз ? Бидејќи ако извезуваме повеќе, но истовремено увезуваме уште повеќе тогаш не зборуваме за извозен пресврт туку за економија која и понатаму има сериозна структурна зависност од увозот. Затоа, извозот е бројка, но ДОМАШНАТА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ е економска суштина.
Следи го Антропол преку Google 
