Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денес побара истрага и итна санација на подрачјето околу градот Госпиќ, откако резултатите од вештачењето во предметот за незаконско депонирање отпад покажале дека земјиштето е загадено, пренесува „Јутарњи“.
Милановиќ реагираше откако Службата за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) ги објави резултатите од вештачењето за заштита на животната средина, при што било утврдено загадување на подрачјето.
„Незаконското, а со тоа и криминално депонирање опасен отпад во Лика, во околината на Госпиќ, мора итно да почне да се санира“, порача Милановиќ на „Фејсбук“.
Тој ја повика хрватската Влада да престане да се повикува на административни процедури и на јавни набавки, оценувајќи дека здравјето на луѓето е загрозено и дека постои опасност од трајно загадување на подрачјето.
„Помина премногу време откако беше откриено дека околината кај Лика се труе со опасен отпад од земјите на Европската Унија и бескрупулозно се користи за приватни интереси и за профит, а се чини дека сето тоа се случувало со помош на сега веќе разрешениот главен државен инспектор“, напиша Милановиќ.
Претседателот на хрватска, оценувајќи го ова како екоцид, нагласи дека сè уште никој не одговарал за незаконското управување со отпад во државата.
„Ниту компанијата која во Лика го депонирала опасниот отпад од Европа, ниту државните институции кои морале да го спречат тоа, но не го сториле. Лика, но и Хрватска, мора да добијат одговор: зошто досега никој не е казнет за незаконското депонирање опасен отпад и зошто надлежните државни институции молкум го дозволувале тоа? И, што е најважно, кога ќе започне санацијата на депонијата со опасен отпад?“
Следи го Антропол преку Google 