Температурите кои деновиве достигнуваат 40 степени Целзиусови ги засилија предупредувањата за заштита на здравјето на граѓаните. Додека надлежните институции апелираат на претпазливост поради топлотниот бран, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара работодавците да преземат дополнителни мерки за заштита на работниците, особено на оние кои работат на отворено и се најизложени на жештините.
ССМ бара намалување на работата на отворено и работодавците да преземат конкретни мерки за намалување на ризиците од високите температури, особено за работниците кои своите работни задачи ги извршуваат на отворен простор. Оттаму апелираат да се намали или целосно да се прекине работењето на отворено во најтоплиот дел од денот, како и да се обезбедат сите потребни средства за заштита на животот и здравјето на работниците.
„Потребно е да се почитуваат мерките на заштита и претпазливост за време на високи амбиентни температури, а за што веќе објави Институтот за јавно здравје. Укажуваме дека од особено значење е да се почитуваат соодветните мерки за заштита на здравјето и животот на возрасните, хронично болните и бремените работнички. Значењето на животот и здравјето на работниците во овие услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството“, велат од ССМ.
Поради ваквите услови, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита од екстремно топлото време и апелира граѓаните строго да ги почитуваат мерките за заштита од топлотен стрес.
Меѓу препораките се избегнување директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и престој во климатизирани или разладени простории.
Од Институтот советуваат и почести одмори под сенка за лицата кои мора да престојуваат надвор. Посебно внимание треба да се посвети на ранливите групи. Според ИЈЗ, најзагрозени се лицата над 60 години, хронично болните, бремените жени, децата, социјално ранливите категории и работниците кои работат на отворено.
Сојузот на синдикатите ги потсетува работниците дека секое прекршување на нивните права можат да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот за безбедност и здравје при работа, Државниот инспекторат за труд или директно во ССМ.

