- Реакција на Политичката партија Левица по изјавата на Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, дека се водат преговори зад затворени врати, за кои од партијата велат дека се за внесување на Бугарите во Уставот:
Се подготвува уште едно велепредавство на Република Македонија чија содржина министерот Муцунски одбива да ја открие иако е јасно како ден дека преговори со Софија можат да се водат само со цел внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија. Муцунски дефинираше и некои негови “црвени линии” како што се јазикот, културата и идентитетот, небаре води преговори за статусот на Македонците како етничка група, а не за статусот на бугарското малцинство во рамките на македонската легислатива.
Се обвистинија предупредувањата на Левица околу лажноста на ветувањата на ДПМНЕ дека тие со интегритет и достоинство ќе застанеле во одбрана на државата, народот и јазикот. Моментално гледаме сценарио во кое МНР и Владата го опипуваат пулсот на македонскиот народ за да ја искористат можноста да прошверцаат еден ваков договор.
Пред само недела дена, во манир на политички шпекулант, Муцунски ја коментираше ништожноста на одредени ставки во преговарачката рамка, за сега да излегува со коментари дека самиот тек на преговорите мора да остане во тајност.
Го повикуваме министерот Муцунски да престане да ја замајува македонската јавност со полуинформации и лаги и јасно да обелодени за што станува збор.
Левица се спротивставува на билатерализацијата на преговорите за членство во Европската унија и јасно застанува против преговорите со Бугарија околу промената на Уставот и вметнувањето на бугарското малцинство во него. Македонија не смее да биде жртва на уцени и понижувања, како од странски, така и од домашни политички дилетанти.

