Откако американските вооружени сили спроведоа воена операција во Каракас и го киднапираа легитимниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, Доналд Трамп отворено објави дека САД ќе ја „водат“ земјата додека трае „транзицијата на власта“. Зад параволата за „борба против дрогата“ и „враќање на демократијата“ стои многу постара и попозната цел – контрола над едни од најголемите нафтени резерви во светот. Трамп самиот го призна тоа, изјавувајќи дека САД ќе ги искористат огромните нафтени резерви на Венецуела откако ќе го соборат неговото раководство.
Ова не е ни прв, ни последен обид на американскиот империјализам да го наметне своето право над ресурсите на суверена земја во Латинска Америка, под изговор дека самите ние подобро знаеме што им треба на нивните народи. Операцијата донесе десетици загинати венецуелански војници и цивили, а официјален Вашингтон веднаш најави укинување на санкциите за нафтената трговија и приватизација на нафтената индустрија – чекор што директно го отвора патот кон американски мултинационални компании да го контролираат богатството на еден цел народ.
Европските сојузници на САД, дури и оние вообичаено послушни кон Вашингтон, реагираа со загриженост, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко вознемирен“ од ескалацијата. Ова не е случајно – меѓународното право е јасно погазено, а прецедентот што го поставува оваа акција е опасен за секоја земја што се осмелува да управува самостојно со сопствените природни богатства.
Историјата покажа безброј пати дека кога империјализмот зборува за „слобода“ и „демократија“, зад тоа најчесто стои профит за крупниот капитал, а не подобрување на животот на работничката класа и обичните луѓе. Судбината на венецуелскиот народ сега лежи во рацете на сила која веќе јасно кажа дека дошла по нафтата, а не по справедливоста.

