Чествувањето на „Илинден“ не помина без политички говори апстрахирани од реалноста. Светогледот на власта за тоа како живеат граѓаните, и она како навистина живеат граѓаните не соодветствуаат ниту најмалку едни со други. Потпретседателот на собранието Милошоски во Крушево зборуваше за грижата за демографијата, создавањето семејства и раѓањето деца како приоритет на актуелната Влада.
„Грижата за семејството, особено за мајките и за децата, не смее да биде тема на еден мандат, на една влада или на една партија. Демографијата е тема што треба да нѐ обедини, а сите ние како поединци и семејства да дадеме личен пример дека тоа што го зборуваме, навистина е тоа за што се залагаме. Да се обединиме за повеќе надеж, за повеќе семејства, за повеќе првачиња – изјави Милошоски.“
Само ден подоцна, во јавноста се појави вест за бремена работничка, врз која е вршено мобинг, со цел сама да си даде отказ од работното место, додека институциите каскале со реакцијата. Советничката во Град Скопје Евгенија Станкоска, даде кумулативен осврт за тоа што власта се обидува да прикаже по однос на грижата за семејството и што се случува во пракса. Во прилог ви го пренесуваме нејзиниот став:
- „Породилните надоместоци лабаво си доцнат по неколку месеци. Жени и бебиња се оставени без пари за храна, лекови, памперси, сметки за струја;
- Градинките се пренатрупани, не дај боже да треба дете да запишеш без врски;
- На ГАК душеците се со ДУПКИ, а на родилките им се служи леб со зденка;
- 19 годишна девојка после царски рез остана инвалид;
- На млада, здрава родилка по царски рез и беа извадени МАТКАТА, БУБРЕГОТ И ЈАЈНИЦИТЕ;
- Укинавте бесплатен ПАП тест еднаш годишно;
- За резултати на онколошока гинекологија се чека со месеци;
- ВОДИМЕ во Европа по стапка на РАК на грлото на матката;
- Семејното насилство е игнорирано до тој степен што човек би помислил дека Владата дури и го поддржува;
- Имаме десетици случаи на фемицид каде жртвата упорно го пријавувала насилникот и била оставена на МИЛОСТ и НЕМИЛОСТ од страна на институциите;
- Немаме шелтер центри ниту пак воспоставени механизми за како да им се помогне на жртвите, дури и да успеат да избегаат. Ама раѓајте дечиња, тука е државата за вас!!!“

