Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, поднесе писмени пратенички прашања до министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, барајќи одговори за доцнењето на исплатата на породилните надоместоци. Како што соопшти преку објава на социјслните мрежи, на денешната седница за пратенички прашања не добил можност да ги постави прашањата усно поради, како што наведува, „саботажа на седницата“, па ги доставил во писмена форма, посочувајќи дека дел од мајките чекаат исплата и по три, четири, па дури и пет месеци. Исмаил ја лоцира главната одговорност кај Клековски и повикува на утврдување одговорност и кај институциите и работодавачите поради, како што вели, институционалниот хаос што ги остава мајките без законски загарантираниот надоместок.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
КЛЕКОВСКИ НЕ ГО НАСЛЕДИ ПРОБЛЕМОТ СО ДОЦНЕЊЕТО НА ПОРОДИЛНОТО ТУКУ ГО ОСТАВИ ЗАД СЕБЕ ВО ФЗОМ!
Денеска, поради саботажа на Седницата за пратенички прашања, не стигнав на ред да поставам прашања во живо во врска со исплата на породилниот надоместок. Затоа поднесов писмени пратенички прашања (слики во коментар) до министрите Сашо Клековски и Ѓоко Велковски во врска со мајките кои три, четири, па дури и пет месеци чекаат исплата на породилниот надоместок.
Главната одговорност е кај Клековски. Тој не е нов министер кој затекнал туѓ проблем. Тој, до неодамна лично раководеше со ФЗОМ, каде што се наталожувале заостанатите исплати. Затоа мора да одговори зошто мајките се оставени без законскиот приход и кога ќе им бидат исплатени сите средства, и што ќе превземе за ова да не се случува и понатаму?
Истовремено, мајките се држат како заложници меѓу ФЗОМ, ПИОМ, УЈП и приватните фирми. Кога работодавачот не ги уплаќа придонесите, последиците не ги трпи фирмата, туку мајката и нејзиното новородено дете.
Потребно е итно да се испита и кривичната одговорност на работодавачите кои исплаќаат плати, а не ги уплаќаат задолжителните придонеси.
Но одговорност мора да се бара и од УЈП и другите надлежни институции, кои со месеци располагаат со податоците, а се однесуваат како да не го гледаат прекршувањето на законот.
Породилниот надоместок не е милостина, туку законски стекнато право. Мајките не смеат да ја плаќаат цената на неодговорните фирми, институционалниот хаос и директорувањето на Клековски.

