Советникот на Левица во Советот на Град Скопје, Игор Димески, преку објава на социјалните мрежи, упати остри критики кон сите досегашни власти, оценувајќи дека Македонија веќе 35 години функционира според „воспоставена пракса“ на криминал, корупција и неказнивост. Тој како примери ги посочува повеќе актуелни случаи, меѓу кои злоупотребите во матичните служби, загадувањето на реката Лепенец и проектот „Скопје – Град на културата 2028“, за кој тврди дека уште на самиот почеток се отвора простор за злоупотреба на јавните средства. Димески порачува дека одговорноста не е само кај политичарите, туку и кај граѓаните кои, како што наведува, со својот глас им го доверуваат мандатот на властите.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Наезда на скакулци е приказна за мали деца во споредба со 35-годишното владеење на сите власти во Македонија.
Да не се навраќам на периодот на транзицијата (озаконета пљачка), па Љубчо со Панде Велев и Љубе Бошковски (државни рекетари), ОКТА, Телеком, па Црвенковски со болументата што ја докусури државата. Да не ги спомнувам Бучковски и бонбона бизнисите со Шеќеринска.
Дојде Грујо и бате. Градежна експанзија со стиропор и пута два арамилук.
За Заев што да се каже. Не превесла сите ко таа од Горни Милановац.
Ги наполни дисаѓите и ја дувна. Не остави осакатени и духовно, и идентитетски, и финансиски.
Народски кажано – до балчак.
Сега оваа гарнитура по инерција си тера. Како беше она – „воспоставена пракса“.
Кај да чепнеш ќе најдеш аматеризам и криминал.
Ама буквално кај да чепнеш, па и онаму каде што нема да ти текне на крај памет.
Еве, матичарите се однесувале како попови. Си наплаќале приватно да те внесат во матична книга на венчани. Иди со службената книга, ги упишува младите, па им зема кеш за во џеб и си оди.
Пумпата гомнарка од Гостивар не стави на прво место во светските медиуми.
Лепенец мислиш е базен во турски ресорт. Пена од метар и пол, а никој не знае кој ја испуштил. Се однесуваат како на некој сапунот да му паднал во реката, па сега тоа е.
Замислете, Советот на Град Скопје акламативно им дава поддршка да формираат фондација за да го реализираат „Скопје – Град на културата 2028“, најодговорната обврска дадена од Европа, а тие веднаш најдоа начин како да ги здиплат парите. Преку 20 милиони евра буџет.
Воспоставена пракса веќе 35 години. Неказнивост исто толку, ако го изземеме онај со „ќебапите“.
И пази. На сите овие дубиози бараат конструктивност од народот, од студентите, од опозициски настроените интелектуалци, па дури и од Левица.
Чим не им си по мерка, одма си деструктивец кој ја кочи државата кон светлата ни иднина.
Само што не се само тие криви. Мандатот не им го дава Папата од Ватикан.
Народот на избори им го дава.
Така што, вината ја делите со нив и тоа 100%, ама тие кешот не го делат со вас и тоа 100%.
Како беше она: Додека има овци и волна ќе има. За ножици лесно.

