Пишува Златко Тренчевски
Додека секојдневно се претставуваат како заштитници на националните интереси и безбедноста на граѓаните, и оваа и претходната власт со години кумуваат на свесно и планско уривање на енергетската и безбедносната стабилност на државата. Стратешките нафтени резерви, кои по закон и европски стандарди мора да гарантираат опстанок на Македонија во услови на глобални кризи за период од 90 дена, денес се сведени на историски минимум од 42 дена, оставајќи ги граѓаните на милост и немилост на пазарните шокови.
Врв на институционалната неодговорност е фактот што Министерството за одбрана веќе девет години не ја враќа позајмицата од 600 тони мазут што во 2017 година ја зема од државните резерви за потребите на Армијата! Додека се претставуваат како заштитници на безбедноста, двете политички гарнитури со години „забораваат“ да го покријат овој долг кон сопствениот систем на стратешки залихи.
Наместо консолидација, енергетската криза се крпеше со дополнително празнење на резервите на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА. На АД ЕСМ му беа отстапени илјадници тони мазут за производство на струја, трошејќи ги резервите што граѓаните со години ги плаќаат преку секое точење гориво.
За скандалот да биде комплетен, со цел да се сокрие реалниот дефицит во складиштата, Владата свесно и незаконски одбива да донесе Одлука за минималните задолжителни нафтени резерви пет години по ред – во 2022, 2023, 2024, 2025 и 2026 година.
Дополнителен дебакл е што Државниот завод за ревизија во своите официјални извештаи во континуитет со години алармира за тешки неправилности, незаконско работење и директно загрозување на енергетската безбедност во МАКОРА. Додека ревизорите постојано укажуваат на криминалните пропусти и на алармантната состојба со дефицитот на залихи, државата која сама ги носи законите, свесно одбива да ги почитува. Од друга страна, пак, доколку обичните граѓани прекршат барем еден закон или задоцнат со некоја давачка, веднаш се соочуваат со ригорозни контроли, блокирани сметки и драстични парични казни. Но, за политичките елити законите не важат. Наместо парите собрани од граѓаните наменски да се користат за купување нафта, тие со години безмилосно ја празнат државната каса за тековни партиски поткупи и непроизводствени трошоци, оставајќи го буџетот соголен, а стратешките количини ненадополнети.
Во услови кога светот се соочува со сериозни воени конфликти на Блискиот Исток, секој ненадеен прекин на глобалното снабдување со енергенси ќе ја фрли Македонија во целосен колапс. Со ваквото неодговорно однесување, власта директно и свесно ја загрозува националната безбедност на државата, што претставува тешко и свесно кривично дело против сопствениот народ. Двете политички гарнитури, без око да им трепне, ги ставаат партиските интереси и политичкиот пазар пред државниот интерес, правниот поредок и безбедноста на граѓаните.
За барем малку да се подобрат состојбите Владата треба да донесе итна одлука за враќање на долгот од страна на Армијата, итен план за обновување на резервите и кривична одговорност за сите функционери кои со години го кршеле законот и ја оставиле државата без енергетска сигурност.

