Ана Симонова реагираше на новите случаи на западнонилска треска, при што седум лица се хоспитализирани, а кај пациентите е дијагностицирано воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Таа ја критикуваше реакцијата на институциите, оценувајќи дека апелите граѓаните да бидат внимателни не можат да ја заменат навремената превенција и системските мерки за заштита на јавното здравје. Симонова побара поголема одговорност од надлежните за справување со ризиците од болести што ги пренесуваат комарци и проблемите со животната средина. Нејзиниот Фејсбук статус во продолжение.
ОД „БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ“ ДО ВОСПАЛЕНИЕ НА МОЗОКОТ – КОЛКУ УШТЕ?
Со неодговорни политики што доведуваат до ширење на болести кои ги пренесуваат комарци и ризици од загадени води, државата наместо да оди напред, се соочува со проблеми што одамна требало да бидат под контрола.
Денес седум лица се хоспитализирани со западнонилска треска. Кај сите е дијагностицирано воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Еден пациент е во критична состојба и се бори за живот на респиратор.
А што е одговорот на институциите?
„Бидете внимателни.“
Не. Граѓаните треба да бидат внимателни, но институциите треба да бидат одговорни.
Превенцијата не почнува со апели кога луѓето веќе лежат на Инфективна клиника. Таа почнува со навремено прскање против комарци, одржување на каналите и јавните површини, чиста животна средина и организирани мерки за заштита на јавното здравје.
Не е до нив, до нас е – ако продолжиме да прифаќаме вакви стандарди како нормални. Секојпат кога ќе се помириме со неработење и ќе ни кажат само „внимавајте“, им испраќаме порака дека можат уште помалку да работат, а ние уште повеќе да трпиме.
Не треба да чекаме да се појават уште потешки случаи за да сфатиме дека превенцијата е обврска на институциите, а не личен избор на граѓаните.
Прашањето не е дали ќе бидеме внимателни. Прашањето е: кога конечно ќе побараме одговорност?

