Архитектот Андреа Јанков жестоко реагираше на изјавите на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој го бранеше ДУП Ј05 „Барутана“, оценувајќи дека намалената површина за градба не може да биде оправдување за урбанистички план што, според него, предвидува градење на локација каде што воопшто не треба да има нови објекти. Јанков го обвини Герасимовски за политичка реторика наместо стручни аргументи и го критикуваше повикувањето на важечкиот ГУП 2012 како основа за одбрана на планот. Неговиот Фејсбук статус во продолжение:
Се избаци оваа туга од градоначалник со еден патетичен демант за ДУП Ј05 Барутана, каде истиот го правда со намалена површина за градба и како истиот е многу стручно сработен и врз основа на важечкиот ГУП.
Тажно е кога политичар и градоначалник пробува да зборува за урбанизам, наместо архитектите.
Кои се реалните придобивки ако се гради 20, 30, 50% помалку или повеќе, на место каде што воопшто не треба да се гради? Ако локацијата е погрешна, тогаш помалата квадратура не го прави планот добар.
Дали според градоначалникот Горан Герасимовски ГУП 2012 е исправен, генијален и револуционерен Генерален урбанистички план, од кој овој ДУП ја црпи својата законитост? Или е фалична вмровска монтировка за крчмење на Скопје? Така барем некогаш тврдеше и неговата матична партија СДСМ, пред здружно да го изгласаат ДУП Ј05 заедно со ВМРО ДПМНЕ во Советот на Центар. Е, јака ви е правната доследност, градоначалниче!
Ниеден, ама апсолутно ниеден архитект што држи до себе и има трошка професионален интегритет нема да го брани ГУП 2012 како квалитетен урбанистички документ. Само добро намачкана професионална јад и беда може да стои со потпис на таква фаличност. Толку од стручноста на која се повикувате.
Ова е само уште едно вадење во стилот на ВМРО, “се е во рамка на законите”. Јас нешто да не сум грешка, да не преминал Герасимовски од СДСМ во ВМРО, а да не пријавил, чим користи таква реторика?

