Единицата за финансиски криминал при МВР поднесе кривични пријави против три лица осомничени за вмешаност во коруптивна шема поврзана со незаконско стекнување уверение за положен стручен испит по стоматологија. Во рамки на истрагата, при претреси кај двајца од пријавените лица биле пронајдени и одземени значителни парични средства во различни валути.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 27-годишната А.Т. од Битола, студентка по стоматологија, во декември 2025 година преку апликацијата „Вибер“ остварила повеќекратна комуникација со 56-годишниот С.Ч. од Гостивар, професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора.
Како што информира МВР, откако бил постигнат договор меѓу нив, студентката му испратила парични средства на неговата трансакциска сметка, како награда тој да го искористи своето влијание за да ѝ овозможи стекнување уверение за здравствен работник, иако не ги исполнувала потребните услови.
Професорот, според пријавата, потоа интервенирал кај 63-годишниот С.Е. од Скопје, кој во тој период бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство. По ова, студентката на 17 декември 2025 година се појавила пред комисијата и го положила испитот, по што се стекнала со државно уверение.
Во рамки на акцијата, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршиле претреси кај второ и третопријавениот, при што биле пронајдени и одземени 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.
„Врз основа на собраните докази, студентката А.Т. се товари за кривично дело давање награда за противзаконито влијание, професорот С.Ч. за примање награда за противзаконито влијание, додека претседателот на комисијата С.Е. за примање поткуп“, соопшти МВР.
Истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности околу наводната коруптивна шема.
Следи го Антропол преку Google 
