Координаторката на советничката група на Левица во Град Скопје, Катерина Јовановска, преку објава на социјалните мрежи, жестоко го критикуваше предлог-законот за формирање Фондација за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оценувајќи дека со него се отвора можност за заобиколување на Советот на Град Скопје и за нетранспарентно трошење на јавните средства. Таа тврди дека, по реакциите на пратениците на Левица, предлог-законот бил повлечен од дневниот ред на Собранието, нагласувајќи дека токму нивниот притисок придонел јавноста да дознае за, како што вели, „скандалозното“ законско решение.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
На нешто повеќе од една година од реализирање на проектот Скопје Престолнина на културата 2028 наместо да се зафатат со конкретна работата, како на пример изградба на нови културни објекти, реновирање на веќе постоечките, одржување на културни манифестации и сл. градските и централните власти формираат Фондација?!
Интересно е што оваа Фондација се формира со закон, преку Собранието, а не како Јавна установа преку Советот на Градот Скопје.
Зошто?
Очигледно е дека намерата е на голема врата да се заобиколи Советот на градот Скопје, а да му се дадат на голема врата одврзани раце на Орце Ѓорѓиевски кој самиот, без Советот, ќе може да именува членови на одборот, надзорниот одбор и сл.
Согласно предложениот закон Планот за работа кој ќе носи Одборот на фондацијата ќе се доставува до Советот на Град Скопје само на разгледување, без притоа да има расправа или гласање по истиот!
Од друга страна пак, Советот ќе треба да гласа за финансиите за оваа Фондација, но без притоа да има можност за контрола како се трошат тие финансии, затоа што Фондацијата не подлежи на никаква одговорност ниту пред Советот на Град Скопје, ниту пред било која институција?!
Најскандалозно е тоа што за оваа Фондација нема да важи законот за јавни набавки, туку ќе се формира Комисија која ќе одлучува како и каде ќе се трошат парите?!
И сега, овој предлог закон е ставен на дневен ред денес, крај на јули, во време на летни одмори, во скратена постапка, најверојатно под претпоставка дека ќе може да помине глатко, без многу помпа.
Фамата која што се крена околу овој скандалозен предлог закон е благодарение на пратениците на Левица во Собранието, кои што се единствените кои што реагираа за овој предлог закон!
Да не беа они, воопшто немаше ни да се знае во јавноста за овој скандалозен предлог закон!
И токму поради тој притисок овој скандалозен предлог закон е тргнат од дневен ред во Собранието!
И после ќе речат што можете вие со 6 пратеници?
Следи го Антропол преку Google 
