Советникот од Левица во Советот на Општина Кисела Вода, Давид Бошковски, повика Државниот пазарен инспекторат да спроведува превентивни, а не само инспекции по пријава, оценувајќи дека високите проценти на утврдени прекршувања укажуваат на сериозен проблем со почитувањето на законите. Според него, доследното спроведување на законите би придонело за намалување на сивата економија, поголема наплата на даноци и придонеси и повеќе средства во државниот буџет за проекти од јавен интерес.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Во секоја држава секогаш фалат пари за некој дополнителен проект, дополнителен километар пат, нова клиника, училиште, градинка. Затоа е од големо значење институциите доследно да ги спроведуваат законите и да спречуваат нивно прекршување. Кога законите се почитуваат, се намалува сивата економија, се создава фер конкуренција и редовно се наплатуваат даноците и придонесите. Како резултат на тоа, државата може да вложи повеќе средства во проекти кои се од интерес на граѓаните.
Во Македонија по последните инспекции видовме дека Државниот пазарен инспекторат оди по пријави а резултатите од теренот се загрижувачки. Законот за трговија од 100 надзори прекршен е во 32 случаеви тоа е 32%, потоа законот за заштита од пушење по извршени 9 надзори, во 6 случаеви е прекршен овој закон или 67%. Тука се и законот за угостителска дејност кој при 100 надзори прекршен е во 46% од надзорите, законот за заштита на потрошувачи при 24 надзори е прекржен во 17% од надзорите, законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност при 12 надзори прекршен е во 17% од надзорите и законот за финансиска дисциплина при 141 надзор прекршен е во 38% од надзорите.
Тука треба да замислиме колку вкупно дополнителни средства ќе се внесат во буџетот на Република Македонија ако инспекции на Државниот Пазарен Инспекторат се превентивни, а не само при пријава. Овие проценти кои се вртоглаво високи ќе почнат да паѓаат кога би имале превентивни инспекции.
Целта на превентивните инспекции не е да се полни буџетот преку казни. Целта е да се обезбеди почитување на законите, со што ќе се намали сивата економија и ќе се зголемат редовните приходи во буџетот преку наплата на ДДВ, даноци и придонеси. Казните се само последица на непочитувањето на законите, а не главниот извор на приходи.
Следи го Антропол преку Google 
