Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагира по најавата Собранието по скратена постапка да го разгледува и гласа Предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оценувајќи дека законските решенија со кои се заобиколуваат системските закони претставуваат висок ризик од корупција.
Предлог-законот, кој е на денешниот дневен ред во Собранието, предвидува Градот Скопје да формира посебна фондација за реализација на проектот, која при спроведување на јавните набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите образложуваат дека ваквиот модел е неопходен за да се обезбедат професионална независност и програмска автономија.
Од ДКСК потсетуваат дека интегритетот, законитоста, транспарентноста и отчетноста при трошењето на јавните средства се основни предуслови за заштита на јавниот интерес и спречување на корупцијата. Според Комисијата, секое законско решение што предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавни набавки, мора да биде јасно и убедливо образложено, како и да содржи ефикасни механизми за спречување на злоупотреби.
Антикорупционерите нагласуваат дека начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна конкуренција, економичност, отчетност и ефективна контрола не смеат да бидат доведени во прашање, без оглед на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот.
Во реакцијата се посочува и дека доколку законодавецот оцени дека е потребно донесување на посебен закон за реализација на проектот, тој треба да ги содржи механизмите предвидени со Законот за јавни набавки кои гарантираат законитост, интегритет и јавна отчетност. Од ДКСК потсетуваат дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030, носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколуваат системските закони е препознаено како висок ризик од корупција, поради што ваквите законски решенија, според нив, задолжително треба претходно да бидат доставени до Комисијата на оценка од аспект на корупциските ризици.
Претходно, и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара Собранието да ја прекине постапката за донесување на законот и истиот да биде доставен до ДКСК на разгледување. Од Платформата предупредија дека предложеното законско решение му дава широки дискрециони овластувања на градоначалникот, што, според нив, отвора значителен простор за корупциски злоупотреби.
Следи го Антропол преку Google 
