Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е воен злосторник и порача дека тој не е добредојден во најголемиот американски град. Во видео објавено на социјалните мрежи, Мамдани изјави дека го поддржува ставот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на Нетанјаху.
„Бенјамин Нетанјаху е воен злосторник, архитект на страшниот геноцид врз палестинскиот народ“, изјави Мамдани, додавајќи дека израелскиот премиер е одговорен за, како што наведе, смртта на повеќе од 73.000 луѓе, како и за бројни цивилни жртви, меѓу кои и деца.
Мамдани го обвини Нетанјаху за напади врз цивилна инфраструктура, болници и породилишта, како и за ограничување на пристапот до хуманитарна помош за населението во Газа. Тој посочи дека израелскиот премиер е одговорен и за смртта на хуманитарни работници и новинари.
„Постои причина зошто Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење. Постојат злосторства толку тешки што ја навредуваат целото човештво, а одговорните треба да се соочат со правдата“, рече градоначалникот на Њујорк.
Мамдани информираше дека неговата администрација ги разгледала законските можности за евентуално спроведување на налогот на МКС доколку Нетанјаху го посети градот, но заклучила дека локалната власт нема независно правно овластување за таков чекор.
Според него, тоа овластување го има федералната влада на САД, поради што повика Вашингтон да соработува со Меѓународниот кривичен суд.
„Јасно е дека немаме независно правно овластување да го спроведеме овој налог. Но, федералната влада го има тоа овластување. Ги повикувам да му се придружат на Судот и да го спроведат налогот“, порача Мамдани.
На крајот од обраќањето, градоначалникот на Њујорк нагласи дека Нетанјаху не е добредојден во градот, додавајќи дека истото важи и за „секој друг воен злосторник кој е на слобода“.
Benjamin Netanyahu is a war criminal. pic.twitter.com/YRezmW6YVx
— Mayor Zohran Kwame Mamdani (@NYCMayor) July 22, 2026

