Изложбата „Divine Line“ на Александар Танчовски ќе биде отворена во Старата скопска чаршија

Младиот македонски илустратор и стрип-автор Александар Танчовски на 17 јули (денес) ќе ја отвори својата самостојна изложба „Divine Line“ во Kaldrma Cocktail Bar во Старата скопска чаршија. Отворањето е закажано за 20:00 часот, а влезот е бесплатен.

Поставката опфаќа повеќе од 30 дела изработени во различни традиционални техники како молив, мастило и водени бои. Преку своите илустрации, Танчовски ја истражува женската фигура како симбол на божествена убавина, сила, нежност и сензуалност.

Изложбата ќе може да се посети до 23 јули 2026 година.

Александар Танчовски (роден 1997 година во Скопје) е илустратор, стрип-автор и графички дизајнер, препознатлив по спојот на класичната цртачка техника со современа визуелна естетика. Покрај илустрацијата, активно работи и во областа на стрипот и е редовен автор во списанието „Стрип Креатор“.

Неговиот авторски стрип „Тешки времиња“ беше награден на 22. Меѓународен стрип-салон во Велес, а во своето творештво најчесто користи традиционални техники, сметајќи дека рачно создадениот цртеж ја пренесува најсилната емоција и автентичност.

Меѓу авторите кои најмногу влијаеле врз неговиот уметнички развој се H. R. Giger, Zdzisław Beksiński, Frank Frazetta, Paolo Eleuteri Serpieri, Luis Royo, Boris Vallejo, Milo Manara и Hayao Miyazaki.