На собраниската седница за реконструкција на Владата, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, наместо да ѝ се обраќа на власта, им се обрати директно на граѓаните кои две години ги трпат последиците од политиките на ДПМНЕ:
„Пред сѐ сакам да се обратам на работниците на Република Македонија кои веќе две години живеат под Влада која сета своја енергија ја посвети за борба против нивните претставници. Влада која две години против синдикатите ги стави на располагање сите механизми за дискредитирање, потиснување и крајно онеспособување да се постигнат целите на работниците во Република Македонија. Работниците мора да издржат уште две години со Влада која е во ново руво, но со иста цел – да ги подобри позициите на олигархијата во Република Македонија.
Се обраќам на младите, младите ќе ја понесат промената во политичката култура во Република Македонија. Јас се обраќам на нив – да издржат и никогаш да не попуштат под сето она кое намерно сака да ги обесхрабри.
Работници на Република Македонија, млади на Република Македонија – издржете и мобилизирајте се, не паѓајте во духот, затоа што мобилизирани можеме да се избориме против оваа Влада на олигархијата.
Доколку еднаш ја победиме машинеријата која сега се реконструира, тоа што ќе го изградиме, ќе го изградиме заедно.“

