Советничката група на Левица во Општина Центар соопшти дека гласала против предлог-одлуката за давање под концесија на јавни површини, меѓу кои, како што наведува, се и училишните дворови.
Од партијата информираат дека одлуката била изгласана со гласовите на советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но оценуваат дека училишните дворови не треба да се ставаат во функција на, како што велат, приватни и бизнис интереси.
„За нас, училишниот двор не е простор што треба да се става во функција на нечии бизнис интереси. Тој е место каде децата играат, спортуваат, се дружат и растат. Јавниот простор треба да остане во служба на граѓаните, а не да стане средство за приватен профит“, се наведува во соопштението.
Од Левица додаваат дека, и покрај тоа што предлогот бил усвоен, ќе продолжат да се спротивставуваат на, според нив, одлуки кои го ставаат приватниот интерес пред јавниот.
„Ќе останеме гласен заштитник на јавните добра и интересите на граѓаните на Општина Центар“, порачуваат од советничката група на Левица.

