Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности и слабости во работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“- Скопје, при што е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста на работењето со законските прописи.
Еден од најзначајните наоди се однесува на ангажирањето работници преку приватни агенции за вработување. Според ревизорскиот извештај, поради тоа што не биле обезбедени согласности за годишните планови за вработување од страна на основачот, претпријатието во 2024 година ангажирало 354 лица преку приватна агенција, за што биле евидентирани расходи од 185,6 милиони денари, односно околу 3 милиони евра.
Ревизорите оценуваат дека ваквиот начин на ангажирање создава нестабилност во човечките ресурси, намалена транспарентност при вработувањето и ризик од субјективност при изборот на лица. Дополнително, околу 29 отсто од ангажираните лица преку агенција континуирано работеле подолг период од 10 години, иако законските одредби предвидуваат ограничувања за ваков вид ангажман.
Проблемот, според извештајот, продолжил и во 2025 година, кога бројот на лица ангажирани преку приватна агенција се движел од 136 до 295 лица месечно.
Ревизијата утврдила и низа други финансиски и оперативни слабости. Констатирани се недостатоци во евидентирањето на недвижностите и инфраструктурните објекти, како и необезбедено право на сопственост над дел од имотот. Не е евидентирана ниту опрема, полуприколки во сопственост на претпријатието, со вредност од над 472 илјади евра.
Дополнително, значителен дел од побарувањата на „Комунална хигиена“ се со неизвесна наплатливост. Станува збор за износ од околу 2 милиони евра, што според ревизорите е последица на регистрација на корисници без соодветна верификација и склучени договори, како и висок процент на коригирани побарувања.
Ревизорите посочуваат и на проблеми со залихите, при што околу 40 проценти од резервните делови се набавени уште во 2009 година, а за нив не било направено соодветно вредносно усогласување, иако се застарени и без реална употребна вредност.
Финансиската состојба на претпријатието е оценета како влошена. Утврден е негативен однос меѓу приходите и расходите, загуба во работењето, намалена ликвидност и продолжен период на наплата на побарувањата од 140 дена. Истовремено, обврските на претпријатието достигнуваат речиси 12 милиони евра, што создава ризик од дополнителни камати, казни и блокирање на сметките.
Сериозен проблем е и состојбата со возниот парк. Од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во исправна состојба. Околу 113 возила се нефункционални – 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Просечната старост на возилата е околу 15 години, што дополнително ја намалува ефикасноста во извршувањето на комуналните услуги.
Ревизијата препорачува изработка и спроведување стратегија за модернизација на возниот парк, подобро управување со ресурсите и воспоставување систем за редовно следење на техничката исправност и економската оправданост на одржувањето.
За утврдените состојби, Државниот завод за ревизија доставил препораки до надлежните институции и одговорните лица со цел преземање конкретни мерки за подобрување на работењето на претпријатието.

