Професорката Тамара Јованов смета дека јавната дебата за воведување една изборна единица со отворени листи често се води врз нереални очекувања за начинот на кој гласаат граѓаните. Според неа, клучниот приоритет е воспоставување една изборна единица, со што секој глас би имал еднаква вредност, додека прашањето дали листите ќе бидат отворени или затворени е од второстепено значење. Јованов изразува и сомнеж дека СДСМ и ДПМНЕ ќе дозволат промена на изборниот модел, оценувајќи дека постојниот систем им оди во прилог.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
Мислам дека луѓето кои бараат една изборна единица со отворени листи, немаат претстава што тоа всушност значи во пракса, како функционира и пред се’, дебело си вртат романтични слики во главата дека во такви услови, секој ќе гласа за некого од листата затоа што е најстручен, најдобар кандидат, или дека најдобро ќе работи.
Ниту тие самите не гласаат по тој основ, туку гласот го даваат за “омилениот” или најсличниот на себе лик, кој може да е тоа и заради популарност, а не задолжително заради најголема експертиза или најсилна идеологија.
Луѓето не се примарно рационални, туку емоционални битија и така и ги носат 99% од одлуките.
Затоа и сме толку подложни на манипулација и разно-разни тактики за продажба, меѓудругото и на “идеални” кандидати.
Во дадениов момент, за изборниот законик е најбитно воопшто да се успее во добивање на 1ИЕ, за да секој глас вреди еднакво.
А затворени или отворени листи се нијанси, бидејќи во секој случај партијата одлучува кои луѓе треба да бидат на листите.
А за да има организирана борба во Собрание со криминалците на дпмне-сдс, потребно е многу повеќе да избраната група луѓе е докажано борбена, истрајна, умешна, исполнителна, непоткуплива, што подобро се знае интерно, отколку да е нечиј “омилен лик”.
Туку, се сомневам дека двоецот сдс-дпмне воопшто ќе дозволи вакво нешто, бидејќи сегашниот модел совршено им оди во прилог.

