Членот на Президиумот на Левица, Александар Симонов, преку објава на социјалните мрежи, жестоко го критикуваше одолговлекувањето на постапката пред Уставниот суд во предметот што се однесува на, како што тврди, дискриминацијата кон Левица. Тој оцени дека доколку парламентарна партија со пратеничка група, десетици советници и значителна поддршка од граѓаните не може да добие судска заштита и покрај, како што наведува, констатираните забелешки во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и Европската Унија, тогаш граѓаните имаат причина да ја губат довербата во судскиот систем. Симонов тврди дека одложувањето на одлуката не води кон правда, туку претставува обид да се избегне политички чувствителна одлука, додавајќи дека меѓународниот притисок и ставовите на дел од уставните судии се единствената гаранција дека процесот нема да биде затворен без соодветна правна разрешница.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Ако парламентарна политичка партија, со пратеничка група, со седумдесетина советници и со над 60 илјади гласови на последните избори само во Град Скопје, не може да докаже очигледна дискриминација, која е нотирана (читај потврдена на меѓународна инстанца) во извештаите на ОБСЕ (ОДИХР) и ЕУ, тогаш како очекуваме граѓаните да очекуваат заштита од судската власт, или пак да имаат доверба во нејзе.
Одолговлекувањето на одлуката на Уставниот суд ниту најмалку не ми личи на процес којшто треба да доведе до правда, напротив, во потешкотија да се докаже спротивното (она што не е издржано, или нарачката ако сакате) се обидува да изнајде решение, како најбезбедно да ги „превесла“ сите во процесот (од засегнатите страни, до оние од меѓународна инстанца кои го мониторираат процесот).
Веројатно ова ќе го поминеа глатко како и претходниот пат, ама за среќа постои притисок којшто го чуvствуваат од меѓународниот фактор и се свесни дека можат буквално со пепел да се посипат, и дополнително, поедини судии се одважија и на седницата и ги толкуваа Уставот и законите, а не политичкото поведение и процеси и тие засега се таа мала светлина во вмровскиов мрак.
p.s. За сите што ги интересира процесот во детали, стручна анализа можете да прочитате од Профа, на линкот во коментар.

