Нов случај на меѓуврсничко насилство: Се појави снимка од брутален напад врз девојче во Куманово

Пред еден месец во Куманово се случил нов случај на брутално меѓуврсничко насилство, кој деновиве стана јавен откако на социјалните мрежи се појави видео од нападот. Снимката, која ја објави серијалот „Без цензура“ на новинарката Лиридона Вејсели, а беше доставена и до „Слободен печат“, прикажува девојче кое е физички нападнато од три други девојчиња.

Според информациите, жртвата била удирана со шлаканици и клоци, кубена за коса и оттурнувана во ѕид, додека нападот бил сниман. Неофицијално, една од напаѓачките има 19 години. Видеото првично било објавено на социјалната мрежа „Снепчет“ со навредлив опис: „Кога ќе ме пцуеш, ќе јадеш и ќотек“.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека СВР Куманово, во координација со Основното јавно обвинителство Куманово, презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Според објавените информации, случајот се случил пред околу еден месец. Обид за негово пријавување во Полициската станица Куманово бил направен вчера, а жртвата денеска била повикана на разговор во полиција.

Ова е втор случај на јавно објавено меѓуврсничко насилство врз девојчиња во текот на овој месец. Претходно, во скопската населба Аеродром беше објавена снимка на која малолетно девојче беше принудено да клекне на колена, да се извинува и да изјави дека нема да го пријави нападот во полиција, додека беше удирано и снимано од група врсници. Овие случаи повторно ја отворија дебатата за растечкото меѓуврсничко насилство и злоупотребата на социјалните мрежи за јавно понижување на жртвите.

Извор: Слободен Печат

Може да ве интересира