Фокус: Незаконски унапредениот чувар во МНАВ е брат на гувернерот Трајко Славески

Незаконски унапредениот чувар во Македонска навигација, Сашо Славески за кој „Фокус“ во петок објави, а членовите на Управниот одбор заработија кривична пријава е брат на актуелниот гувернер на Народна Банка, Трајко Славески.

Членовите на Управниот одбор на М-НАВ заработија кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење и повреда на правата од работен однос.

Според документите со кои располага „Фокус“, тие му овозможиле на чуварот или како што се наведува во документите обезбедувачот на имот незаконски да биде унапреден.

„На ден 19.02.2025 година, пријавените Владимир Ристески, Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, во својство на членови на Управниот одбор на Акционерското друштво за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје (во понатамошниот текст: М-НАВ АД Скопје), на 13-тата седница на одборот, свесно и со намера, постапувајќи спротивно на повеќе законски и подзаконски прописи, донеле две меѓусебно поврзани одлуки со кои овозможиле незаконско унапредување на вработен во претпријатието.

Прво, пријавените донеле Одлука со која на работникот Сашо Славески, кој дотогаш го извршувал работното место „Обезбедувач на имот Охрид“ во Одделението за општи работи, му се врши измена на договорот за вработување и истиот се распоредува на работно место „помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS во Сектор за воздухопловна навигација“, со важност од 01.03.2025 година. Оваа одлука претставува суштинско унапредување на работникот на повисоко, посложено и повисоко платено работно место, со што за него е прибавена значителна имотна корист“, се наведува во кривичната пријава поднесена до Основно Јавно Обвинителство.

Како што веќе објавивме, чуварот станал помошник за обука, а платата од 50.000 му скокнала на 100.000 денари. Работникот е унапреден од први март 2025 година и до јуни оваа година, со новата плата земал 7 илјади евра плус.

„Конкретно, со ова унапредување, коефициентот за пресметка на плата на работникот Славески е зголемен од 1.2087, колку што изнесувал за работното место „Обезбедувач на имот – Охрид“, на 2.3177 за новото работно место „Помошник за обука и координација“ (коефициенти). Согласно Колективниот договор на М-НАВ АД Скопје, вредноста на коефициентот 1,00 изнесува 452,41 бода, при што еден бод е еднаков на денарската противвредност од едно евро (Член 50).

Со тоа, месечната бруто плата на работникот е незаконски зголемена за износ кој се добива со следнава пресметка: (2,3177 – 1,2087) x 452,41 ЕУР = 1,109 x 452,41 ЕУР = 501,72 ЕУР во денарска противвредност.
Бидејќи унапредувањето е на сила од 01.03.2025 година, до моментот на поднесување на оваа пријава (04.06.2026 година), на работникот му се исплатени 14 месечни плати со незаконски зголемен износ. Вкупната прибавена имотна корист за работникот, а со тоа и вкупната штета нанесена на буџетот на М-НАВ АД Скопје, изнесува 14 месеци x 501,72 ЕУР/месец = 7.024,08 ЕУР во денарска противвредност“, се наведува понатаму во кривичната пријава со ОЈО.

После објавувањето во „Фокус“, со реакција излегоа и од опозициската СДСМ.

„Скандалот со унапредувањето на братот на Трајко Славески, од чувар во член на Управен одбор на Акционерското друштво за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација – М-НАВ, е шокантен пример за тоа.

Уште поскандалозно е што ова унапредување се случило уште во март 2025 година, а јавноста за него дозна дури пред неколку дена, кога членовите на Управниот одбор кои го спровеле незаконското унапредување добија кривична пријава“, истакна Богданка Кузеска.

Текстот е превземен од Фокус

Може да ве интересира