Во расправата по амандманите на Левица за ребалансот на Буџетот, со кои се бара изградба на јавен станбен фонд и социјални станови, пратеникот Амар Мециновиќ отвори дебата за причините поради кои домувањето станува сѐ понедостапно за младите и семејствата.
Мециновиќ посочи дека државата веќе го оданочува имотот, но одбива да го искористи истиот механизам за да ги обесхрабри странските фондови и големите сопственици кои купуваат десетици станови како инвестиција, наместо тие да бидат достапни за граѓаните.
„Во Македонија имаме акумулација на станови и шпекулација на пазарот. Тоа е жива вистина. Ако можеме да го оданочиме имотот, како тоа не можеме преку даночни рестрикции да се избориме со шпекулацијата?
Зошто не можеме да воведеме даночен систем кој ќе го оданочува секој следен стан сѐ повеќе и повеќе? Механизмот веќе го имате во раце. Така ќе се избориме и со странските фондови кои ни ги купуваат становите и со домашните шпекуланти кои ги тргаат становите од пазарот. Овој механизам го користат сите европски држави.“
Левица предлага прогресивно оданочување на повеќекратната сопственост врз станови и изградба на јавен станбен фонд, за домувањето да биде основно право на граѓаните, а не привилегија за оние што профитираат од станбената криза креирана од ДПМНЕ.

