На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, по амандман на Левица, делумно беше прифатено барањето за дополнителни средства за Националната СОС-линија за жртви на семејно насилство, при што наместо предложените 5 милиони денари, парламентарното мнозинство обезбеди 2 милиони денари.
Образложувајќи го амандманот, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, посочи дека Националната СОС-линија е првата точка на контакт за жртвите на семејно насилство, но со години функционира со недоволни средства, додека бројот на случаи континуирано расте.
„Безбедноста на жените и животот на жените не може да зависат од волјата на одредени донатори, туку мора да се обезбеди институционална заштита.
Дали ова парламентарно мнозинство ќе признае дека животот и безбедноста на жртвите вредат повеќе од канцелариски инвентар?
Кога ќе се случи трагедија, сите велат дека системот е виновен. Но системот е тоа што денес го гласаме. Буџетот е најголемиот финансиски документ на една држава и преку него се гледа дали приоритет е заштитата на жртвите или животот на една жена е поевтин и од канцелариски инвентар”.
Иако Левица бараше 5 милиони денари, фактот што парламентарното мнозинство беше принудено да обезбеди дополнителни 2 милиони денари претставува признание дека досегашното финансирање било недоволно. Левица ќе продолжи да се бори за систем во кој заштитата на жртвите нема да зависи од проекти и донации, туку ќе биде трајна обврска на државата, велат од партијата.

