Во организација на детско-младинскиот фолклорен ансамбл „Срма“, вечер и утревечер во Центарот за култура во Куманово „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе се одржи меѓународниот детски фолклорен фестивал. Дводневната манифестација започнува во 19 часот, а влезот е слободен. Во текот на двете фестивалски вечери ќе настапат културно-уметнички друштва и ансамбли од Македонија и Србија, информираше уметничкиот раководител на ДМФА „Срма“, Марјан Бошковски.
-Организираме трет меѓународен детски фолклорен фестивал кој ќе се одржи на 10 и 11 јули со почеток во 19 часот. Ги поканувам сите граѓани на Куманово, љубителите на фолклорот и чуварите на традицијата да бидат наши гости. Влезот е слободен- рече Бошковски.
Тој појасни дека на првата фестивалска вечер ќе настапат десет ансамбли, заедно со домаќинот „Срма“, додека на втората вечер ќе се претстават осум ансамбли и домаќините. Според Бошковски, фестивалот оваа година за првпат ќе се одржи во Центарот за култура, додека претходните изданија се одржувале во Домот „29 Ноември“.
На фестивалот ќе учествуваат ансамбли од повеќе градови во Србија, меѓу кои Прокупље, Лесковац, Бујановац и Врање, како и ансамбли од Македонија. Бошковски информираше дека на сцената во текот на двете фестивалски вечери ќе настапат повеќе од 350 учесници.

