Петнаесетдневниот фестивал од 14 до 31 јули ќе донесе богата уметничка, научна и едукативна програма, а 56. издание ќе започне со настап на Ningbo Symphony Orchestra од Кина под темата „Точка на поврзување“.
Битола од 14 до 31 јули ќе биде центар на светската фолклорна и културна сцена со 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој годинава ќе понуди најдолга фестивалска програма во својата историја.
На официјалното претставување беа промовирани програмата, новиот визуелен идентитет и фестивалските новитети, со кои организаторите најавуваат 18 денови исполнети со концерти, изложби, научни презентации, етнографски филмови, работилници, детски програми, семинари и улични перформанси.
Фестивалот ќе започне на 14 јули со свечен настап на Ningbo Symphony Orchestra од Народна Република Кина, еден од најзначајните современи симфониски оркестри во земјата. Покрај концертот, членовите на оркестарот ќе одржат и работилница, со што уште на почетокот ќе биде нагласена меѓународната соработка и културната размена.
Годинава фестивалот го носи мотото „Точка на поврзување“, а визуелниот идентитет е инспириран од македонската и интернационалната народна носија, како и од глуварчето чии семиња симболизираат движење, размена и поврзување меѓу културите.
Во рамки на програмата ќе бидат вклучени и бројни содржини за различни генерации, со што Битола во текот на фестивалските денови ќе стане место за средба на традицијата, современата уметност и културите од целиот свет.

