Германија бележи најголем број корпоративни банкротства во последните повеќе од 20 години, откако речиси 5.000 компании поднесоа барање за несолвентност во вториот квартал од 2026 година, покажуваат податоците на Институтот за економски истражувања во Хале (IWH).
Во периодот од април до јуни, 4.996 компании прогласиле несолвентност, што претставува раст од 9 отсто во однос на претходниот квартал и највисока бројка за втор квартал од 2005 година наваму.
Кризата ги зафатила речиси сите клучни сектори на германската економија – градежништвото, недвижностите, трговијата, угостителството и услужниот сектор. Според проценките, околу 45.500 работни места се погодени од бранот затворања и банкротства.
Само во јуни, 1.702 компании поднеле барање за несолвентност, што е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот месец минатата година и дури 80 отсто над просекот забележан пред пандемијата.
„Ситуацијата останува тешка. Несолвентностите ја погодуваат економијата во широк обем. Многу индустрии и региони се погодени истовремено“, изјави Штефен Милер, раководител на истражувањата за банкротства во IWH, додавајќи дека институтот очекува бројот на банкротства и во третиот квартал да остане над нивото од минатата година.
Германската економија, најголемата во Европската унија, веќе подолг период се соочува со сериозни притисоци поради високите трошоци за енергија по прекинот на увозот на руски нафта и гас по ескалацијата на конфликтот во Украина во 2022 година.
Дополнителен удар врз индустрискиот сектор донесе и неодамнешниот раст на цените на суровата нафта предизвикан од воените тензии меѓу САД, Израел и Иран.
Германската економија се намали во 2023 и 2024 година, што беше првпат по повеќе од две децении земјата да забележи две последователни години на пад. За 2026 година се очекува скромен економски раст од само 0,5 отсто.
Официјалните податоци покажуваат дека корпоративните банкротства значително се зголемиле во последните години, со раст од над 22 отсто и во 2023 и во 2024 година.
Најголем притисок трпи производниот сектор, особено автомобилската индустрија. Работници на „Фолксваген“ протестираа поради плановите за реструктурирање на компанијата, кои според извештаите би можеле да доведат до укинување на до 100.000 работни места и затворање на фабрики низ Германија.

