Релевантноста на предизборните анкети повторно е тема во јавноста, но вреди да се потсетиме на нивните прогнози за претходните локални избори, особено за изборот на градоначалник во Град Скопје.
Имено, според анкетите што тогаш ги спроведуваа истите агенции кои и денес изработуваат истражувања за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатката на СДСМ, Каја Шукова, беше комотно позиционирана на второто место, зад вмровскиот кандидат Орце Ѓорѓиевски, а анкетите велеа дека и Орце Ѓорѓиевски има огромни шанси да победи уште во првиот круг со над 50% освоени гласови.
Сепак, конечниот изборен резултат значително се разликуваше од предизборните прогнози. Шукова изборната трка ја заврши како петтопласирана, зад кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ кој отиде во вториот круг, како и зад кандидатите за градоначалник од коалициите на ВРЕДИ и на ДУИ, а на Орце Ѓорѓиевски му фалеа повеќе од 15% гласови за да биде избран уште во првиот круг.
Овој свеж пример ги отвора дилемите околу прецизноста и веродостојноста на предизборните анкети и нивната способност да го отсликаат реалното расположение на гласачите. Аналитичарите сметаат дека ваквите анкети не се прават за да го измерат расположението на гласачите, туку се наменски за да влијаат врз обликувањето на јавното мислење во корист на нарачателите на анкетите.

